Романот првпат е објавен на шпански јазик во 1982 година и за многу краток период станал интернационална сензација, издигнувајќи ја Изабел Аљенде во нова ѕвезда на книжевното небо, не само во шпанското јазично подрачје туку во целиот свет. Во следните десеттина години книгата доживела неверојатни над 400 изданија на десетици различни јазици како и филмска адаптација од 1993 година со Џереми Ајронс, Мерил Стрип, Глен Клоуз, Винона Рајдер, Антонио Бандерас и Ванеса Редгрејв во главните улоги. Денес книгата се смета за современ класик – своевидна сага за четири генерации на семејството Труеба, нивните драматични семејни односи, успеси и падови.
Естебан Tруеба е конзервативен човек, многу строг и жртва на избувливиот карактер и политичките амбиции, што ги ублажува само љубовта кон неговата мистична сопруга, Клара, која има дар да ја предвидува иднината и да се поврзе со светот на духовите. Нивната ќерка Бланка е во забранета врска со маж кој Естебан го смета за недостоен. Таа на својот татко му создава многу нервоза, но ќе му ја донесе и најголемата радост: внуката Алба. Убава и паметна девојка која ќе настрада поради политичката определба на човекот што го сака.
Во заднината на романот ги следиме општествените превирања во земјата во период што опфаќа голем дел од XX век без да се споменат директно имињата на историските личности, но во ликот на Кандидатот/Претседателот се препознава Салвадор Аљенде, а на Поетот – Пабло Неруда.
Авторката го комбинира натприродното со лична верзија на магичниот реализам создавајќи заплет во кој се испреплетуваат секојдневното и магичното, љубовта и револуцијата, личните идеали и суровата политичка реалност.
„Куќа на духови“ е прогласен за роман на годината во Чиле, а на Аљенде ѝ ја донел и националната награда Panorama Literario.
Изабел Аљенде е внука на поранешниот чилеански политичар, Салвадор Аљенде, а „Куќа на духови“ започнала да ја пишува како писмо до својот стогодишен дедо во моментот кога дознала дека тој е на смртна постела. Романот е меѓу школските примери за магичен реализам и пишуван е под влијание на „Сто години самотија“ на Габриел Гарсија Маркес. Преводот е на Виолета Јагев, а книгата е објавена со поддршка од страна на Министерството за култура и спорт на Шпанија.
За авторката: Изабел Аљенде (1942) е чилеанска писателка. Повеќе од триесет години била посветена на новинарството, социјалните активности и на правата на жените, од каде што црпи инспирација за своите дела, кои содржат аспекти од магичниот реализам. Споредувана е со Кафка и со Маркес. Во 2004 година била примена во Американската академија за уметности и книжевност, а во 2010 година ја добива Националната награда за литература на Чиле. Претседателот Барак Обама ѝ го доделува Претседателскиот медал на слободата во 2014 година. Живее во Калифорнија, САД. „Куќа на духови“ е втора нејзина книга во превод на македонски, по „Долга реса крај морето“.
За преведувачката: Виолета Јагев (родена 1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што на шпански јазик завршила основно и средно образование и првите две години на факултетот за петрохемија. Дипломирала на Технолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Чашуле“ во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.