„Другарче“ е приказна која уште од самиот почеток маѓепсува со фантастичните авантури на Тичен и неговото пријателче. Одат во лов на тролови, се обидуваат да победат чудовишта, да изгаснат пожари… и секогаш се наоѓаат во неволја поради тоа. Особено Тичен, откако ќе му посочат дека Другарче постои само во неговата фантазија.

Бидејќи Другарче не може ниту да го види ниту да го слушне никој освен Тичен, неговите родители, а особено неговата мајка, се загрижени. И иако таткото претставува еден вид хумористичен фактор во приказната, тие заедно носат драстична одлука: Другарче мора  да исчезне од животот на нивниот син.  Во својот млад херој, Колвајк вградува неизмерна самодоверба благодарејќи на виртуелното пријателче. Но сега почнува да го демне опасноста од исчезнувањето на Другарче и светот на неверојатните авантури. Сè додека приказната не добие изненадувачки пресврт во кој ќе се покаже дека работите не се баш такви какви што се чинеле…

Оваа книга е прекрасна животна лекција за млади и за возрасни читатели!

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Питер Колвајк (1974) пораснал во Јужна Холандија, но веќе некое време живее во провинцијата Дренте. Тој смета дека секој треба да ја користи својата имагинација. Но доколку не може, тогаш може да ја користи фантазијата. На крајот на краиштата, тоа е и причината поради која ги пишува своите книги – и затоа што за некои теми може повеќе да се размислува. На пример, за тоа што е лудо? Или чудно? Својот пробив во светот на книгите за деца го направил со книгите за Вло и Стикел кои се читаат во седум држави, а неговата книга „Другарче“ е наградена со Златно перо во 2021 година.

Линде Фас досега има илустрирано пет книги на Колвајк, а резултатот е фантастичен! Линде е холандска уметница која моментно живее и работи во северниот дел на Норвешка. Има завршено студии за анимација на Академијата за уметност „Сент Јуст“ во Бреда, Холандија. Дипломирала како почесен студент во 2008 година со анимираниот филм „Според птиците“, кој бил избран на бројни меѓународни филмски фестивали за анимација и освоил неколку награди ширум светот. По дипломирањето почнала да работи како аниматор, ликовен уметник и илустратор на детски книги. Соработувала со голем број автори и илустрирала книги на Питер Колвајк, Грит оп де Бек, Пол Бигел, Тонке Драхт и Риндерт Кромхоут. Во 2018 година ја објавила својата прва сликовница „Ајде да патуваме“. Следната година ја објавила втората сликовница „Детето и китот“ која е преведена на повеќе од десет јазици, а нејзината трета сликовница „Каде е големиот брат“ во 2022 година, била наградена со Бронзено перо.

Ели Пујовска (1971) е родена во Скопје и досега има преведено педесет книги од бројни холандски и белгиски автори, меѓу кои и „Розата и вепарот“ од Ане Провоуст, која е наградена со Златно перо за најдобар книжевен превод на годината. По дипломирањето на Универзитетот во Ајндховен на катедрата за холандски јазик почнала да работи како професионален преведувач кој повеќе од една деценија посветено ги збогатува македонските библиотеки со класични и современи книжевни дела од холандската литература и ја поттикнува соработката помеѓу македонските издавачи и холандската фондација за литература. Била член на комисијата за Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ (2018). Моментно живее и работи во Скопје.

„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „Оваа книга е Создадена во Европа“ тоа нè прави сигурни дека во раце држиме литература која ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.