Галески: Не е само скандалот со продажба на градската куќа, ЈСП оставено со загуба од 205 милиони денари минатата година

Една од оставштините кои што ни ги остави претходната администрација беше продажбата на нова административна зграда по цена која е далеку помала од реалната. А друга оставштина  која што ни ја остави се загубите на претпријатијата во градот Скопје и тоа многу лесно може да се види од годишната сметка на Јавното сообраќајно претпријатие за 2021 година, вели Галески советник во Советот на Град Скопје на денешната седница.

Галески потенцираше дека ЈСП бележи загуби од 205 милиони денари, како и дека претпријатието земало и кредит за кое што годишно според извештајот треба да плаќа околу 2 милиони евра, а доспеаните обврски се 310 милиони денари.

ЈСП бележи загуба од 205 милиони денари, ете толку домаќински се работело. Од извештајот може да се  забележи зголемување на ставката за трошоци на суровини и материјали од цели 107 милиони денари, или милион и 700 илјади евра при намален приход. Значи предминатата година биле 248 милиони, а во 2021 година тоа се 356 милиони денари. Добро е да се знае за што се потрошени овие пари и зошто е зголемена сумата од цели милион и 700 евра. Како тоа да не било доволно претпријатието земало и кредит за коj годишно треба да плаќа околу 2 милиони евра, а доспеаните обврски се 310 милиони денари, истакна тој.

Галески додаде дека голем дел од превозните средства кои што ги користи претпријатието се вон употреба и праша зошто овие возила се оставени во таква состојба со оглед на тоа дека во извештајот стои дека се инвестирани инвестирани пари, нагласувајќи дека претходната градска управа со ваква лоша финансиска состојба објавила оглас за вработување на 175 нови вработувања во претпријатие за административен кадар, но не и за возачи на автобуси за кои како што рече се дефицитарни.

Според извештајот исто така може да се забележи дека голем дел од превозните средства кои што ги користи претпријатието се вон употреба и прашање е зошто при толку многу потрошени пари овие возила биле оставени во таква состојба. И ако некој има дилеми зошто претпријатието има загуби од 205 милиони денари, добар одговор може да даде и настанот пред една година токму во оваа сала, кога тогашната градска управа предложи план за вработување во ЈСП кои што предвидуваше 175 нови вработувања. Значи 175 нови вработувања, а загуба од 205 милиони денари, и тогаш ние укажувавме на тоа дека претпријатието финансиски се истоштува, а одговорот беше дека има солиден план за консолидација на претпријатието. Епа еве го гледаме тој солиден план, 175 вработувања за една година, а загуби од 205 милиони денари. Во истата година за привремени  вработувања согласно извештајот се дадени дополнителни 4 милиони и 720 илјади денари или 76.000 евра, а претпријатието ангажирало и приватен преведувач бидејќи не можело да користи сопствени ресурси и за тоа се дадени некаде околу 472 илјади денари, дециден е тој.

Галески  рече дека ја поздравува одлуката на градската управа и градоначалничката за намалување на цената на автобускиот билет, посочувајќи дека ваквите долгови не смеат да паднат на грбот на скопјани.

И сега сигурно образложението би било па ЈСП постојано се храни со субвенции од градот, па таа практика мора да се промени. Инаку за потенцирање овие 175 нови вработувања согласно планот кој што минатата година го усвои претпријатието не се предвидени за дефицитариот кадар за возачи на автобуси, туку се предвидени вработувања за друг административен кадар и можеме да претпоставиме за што станувало збор со оглед на тоа дека мината година беше изборна година. И се разбира дека ваквите долгови не смеат да паднат на грбот на скопјани и во таа насока ја поздравувам иницијативата на оваа градска управа и на градоначалничката да се намали цената на билетот и да се најде друг начин за финансиски да се консолидира ова претпријатие, заклучи Галески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.