„Европски зелен договор: обезбедување ефикасен, безбеден и еколошки транспорт“ е насловот на дебатата инспирирана од тековната изложба „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“, што вчера се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Студенти, експерти од областа, претставници на Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Климент Охридски“ ги споделија своите искуства, знаења, но и перспективи како во нашата земја да стигнеме до поодржлив транспорт.

Вовед за изложбата даде Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“, која и ја осмисли изложбата. Учествуваа: Дарко Мицески, раководител на сектор за ЕУ и ИПА координатор-дел транспорт во Министерството за транспорт и врски, Марко Ицев од Центарот за урбано истражување „План 42“, Пеце Андоновски од Министерството за економија, проф. д-р Дарко Данев, декан на Машинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Верица Данчевска, експерт за сообраќајна политика и транспортна економика на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Јадранка Стефкова, советничка за планирање на економскиот развој во Велес и Филип Миленкоски – млад европски амбасадор. Модератор беше Мила Јовановска од „Биди зелен“.

Да се покрене свеста за нашата околина, повеќе да се користи велосипедот како превозно средство, да се подобри патната инфраструктура, како и јавниот транспорт за да се намали загадувањето, но и да се воведат поригорозни правила за увоз на стари возила, ова се дел од заклучоците на дебатата.

Ако имаме подобри патишта, ќе добиеме побрз транспорт, помалку штетни емисии, ќе се намали времето на патување, а тоа се реални придобивки. Во секое домаќинство имаме премногу возила, колку членови – толку возила. Апелираме да се намали нивниот број. Мораме да почнеме со тоа што го имаме и што е реално да се прави. Треба да се оди чекор по чекор, да се едуцираме да знаеме што се придобивките од одржлив транспорт. Ние сите упорно користиме автомобили, правиме сообраќаен метеж и кога не треба – велат студентите и експертите на дебатата.

Многу е важно да се постават построги правила за увоз на стари автомобили и старосната година да биде повисока – потенцира проф. д-р Верица Данчевска.

Кога се работи за знаење, во нашата држава немаме проблем со тоа. Имаме голем капацитет на научници и професори, но нашиот проблем е политизацијата од сите аспекти, во сите сфери. Се прави национална стратегија, една власт за четири години сака резултати и потоа доаѓа до промена на власта и некои проекти одеднаш не важат, а тоа не смее да се случува. Ние дозволивме увоз на многу стари возила од странство, а тоа е голем проблем – вели Данчевска.

Во Македонија годишно се увезуваат во просек по 40.000 возила. Во 2021 година сме имале околу 500.600 возила, од кои 55 проценти се дизел, 43 проценти се бензин, а само 3 проценти користат алтернативно гориво, вели Пеце Андоновски од Министерството за економија.

Поразителна е староста на возилата – кај нас просечна старост на патничките возила е над 19,5 години! За транспортните возила е нешто над 18,8 години – посочи Андоновски.

Општина Велес беше издвоена како позитивен пример за преземање вистинска мерки за намалување на сообраќајниот хаос и на големото загадување, благодарение и на вклучувањето на Општината во европски проекти. Јадранка Стефкова објасни дека тие прво се фокусирани на пешачка и велосипедска инфраструктура со цел да се олесни сообраќајот во централното градско подрачје и да се подобри јавниот превоз.

Во Велес се возат многу возила, така што загадувањето е енормно. Решивме да ги следиме препораките на Европската Унија и станавме дел од европска мрежа во која има градови од цела Југоисточна Европа, како и европски земји, и можеме да видиме како тие приоѓаат кон решавање  слични проблеми на нашите. Одлучивме да почнеме да работиме стратешки и направивме прв план за сообраќајна мобилност. Планот го направивме врз основа на анкета извршена врз 4.500 граѓани, што е 10 отсто од населението. Најлошиот резултат беше фактот дека 53 проценти од населението користат автомобил и тоа за растојание што се поминува со велосипед, а само 1 процент користат велосипед – вели Стефкова и додава дека општините немаат пари, ама не треба да седат со скрстени раце, туку треба да ги користат европските фондови што се на располагање.

Дали електричните возила се иднината во нашата земја и можно решение на намалувањето на загадувањето?

Според Дарко Мицески, хибридните возила како преодна фаза се можеби најоптимални во овој период за нас.

Тие користат многу помалку гориво, а функционираат на хибриден режим на работа кој не загадува колку класичните моторни возила – Мицески.

Сепак, сите учесници во дебатата се согласија дека немаме добра инфраструктура за овие возила, кои се многу скапи за македонскиот животен стандард.

Низ градовите треба да има повеќе полначи, да може да се користат сончеви панели за да се користат обновливи извори на енергија – предложија студентите.

Младиот европски амбасадор Филип Миленкоски истакна дека младите често ги избираат електричните скутери како превозно средство, но дека и тие законски не се добро регулирани. Тој повика да се подобри велосипедската култура, а посочи дека се дискриминирани студентите на приватните универзитети бидејќи не добиваат бесплатен автобуски превоз.

За деканот на Машински, Дарко Данев, ние сè уште не сме дораснати да зборуваме за електричните возила, кои, според него, се „класична демагогија“, најмногу затоа што начинот на кој се создаваат воопшто не е еколошки.

Транспортот е мултидисциплинарна приказна, сите учествуваме и сме консументи. Имам впечаток дека домашното воспитување исчезна и на тоа мора многу да се работи! Ние немаме почит кон ништо и никаква одговорност. И самиот знам да паркирам пред автобуска постојка, не почитувајќи го притоа возачот на автобусот, ни другите учесници во сообраќајот. Мора да работиме на сообраќајната култура, особено со децата од најмала возраст – вели Данев.

Учесниците на дебатата се согласија дека позитивниот пример на Велес треба да го следат и другите општини и Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.