Крадците станаа чесни луѓе. И за тоа придонесе неказнивоста која стана главна одлика во нашето општество. Се чини дека колку повеќе криминалот е поголем толку повеќе има реални шанси да не се одговара и случајот да се остави во заборав за да времето го надживее. Додека неказнивоста ги нарушува основните човекови вредности за слобода, правда и правичност и делува ретроградно во развојот на нашето општество.

Неказнивоста стана главна одлика и во случајот со Еуростандард банка како најголем криминал во банкарскиот сектор во поновата македонска историја. Сторен организиран грабеж на повеќе десетици милиони евра од сметките на депонентите земени и однесени во туѓи џебови. Поминаа две и пол години од затворањето на банката без ниту еден официјален заклучок за тоа како се крадело организирано во банката ниту пак дали некој ќе одговара. Надлежните институции молчат, молчи и обвинителството. А државата пак не реагира зошто институциите молчат и го игнорираат овој високо поставен криминален случај.

Се прашуваме зошто обвинителството не реагира и на јавното признание од Трифун Костовски дека свесно сторил кривично дело. Не само што јавно призна туку и пластично објасни во неколку наврати како со негов потпис и одобрување се украдени депозитите од Еуростандард банка. И тоа, како што јавно тврди Трифун Костовски, потпишан и одобрен криминален чин во присуство на високи функционери од Народна банка, државната институција која е законски надлежна да врши контрола над работењето на банките и да ги заштити депозитите на граѓаните и фирмите. А кривичното дело на Трифун Костовски се состои во нелегално земени три милиони евра од депозитите во Еуростандард банка и префрлени во соседната Комерцијална банка за да служат како обезбедување за доделени кредити на трети правни лица во 2019 година. Нелегално земени пари од сметките на депонентите во Еуростандард банка и никогаш не вратени назад. Јасно сторен криминал на кој обинителството молчи, не реагира. Како што молчи и за украдените десетици милиони евра од депозитите во Еуростандард банка, проследени со повеќе кривични дела на одговорните раководни лица од банката како што се злоупотреба на службена должност и овластување, измама, перење пари и други приноси од казниво дело, фалсификување документи и конечно, предизвикување стечај на банката.

Минатата година поминаа и законските рокови за изјаснување на обвинителството од покренатата истрага пред повеќе од две години за организираниот криминал во Еуростандард банка. Молкот и игнорирањето продолжуваат. До кога?


Здружение на оштетени штедачи од Еуростандард банка



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.