Серијалот со скандалот за давање на закуп на градежно земјиште под образложение земјоделско земјиште во државна сопственост од страна на министерот за земјоделство, продолжува и денес. На денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, објави дека имаат сериозни индиции дека Љупчо Николовски ја злоупотребил својата позиција и како министер за земјоделство шумарство и водостопанство, на нелегален начин давал под закуп огромни земјишни парцели, претставени како земјоделско земјиште, а всушност се работи за градежно земјиште во Скопје.
Тој го објави вториот договор, кој се темели на истиот шаблон кој го презентираше вчера.
Ова е договорот кој министерството, застапувано од Љупчо Николовски, како министер го склучило со извесен Орхам Чоловиќ, договорот е со датум од 4 јули 2022 година со архивски број 39-771014/1. Предмет на договорот е закуп на земјоделско земјиште во вкупна површина од 73.031 метар квадратен во општина Бутел за подигање на долготраен лешников насад за период од 70 години.
Фактичката состојба е дека не станува збор за земјоделско земјиште, туку за градежно неизградено земјиште на територија на општина Бутел, во површина од над 73 илјади метри квадратни.
Со овој договор, Николовски му овозможува на закупецот да присвои над фантастични 73 илјади метри квадратни градежно земјиште во Бутел по цена од 5.745 денари годишна закупнина, објави Трипуновски.
За нештата да бидат појасни и за тоа за каква измама станува збор, додава тој, се гледа од фактот што метар квадратен градежно земјиште во тој реон се продава од 150 евра па нагоре, односно за таа парцела би се потрошиле околу 11 милиони евра. Николовски дава парцела од над 73 илјади метри квадратни по годишна закупница од 5.745, која всушност истата по реална цена чини околу 11 милиони евра.
Како што вели Трипуновски, ова е втор ваков договор кој Николовски го потпишал во општина Бутел, и под превезот на земјоделско земјиште дава под закуп ексклузивни градежни парцели.
Постои основано сомнение, дека ова е дел од поширок разработен план, кој требало да заврши со Законот за откуп на земјоделско земјиште, кој владејачкото мнозинство на СДС на сила го турка во Собрание, со што ќе им се овозможи на закупците кои на нелегален начин добиле договори за закуп да го откупат земјиштето за евро по квадрат, а да го препродадат за неколку милиони евра.
Имено, сето ова е откриено заради општина Бутел, која преку допис испратен до министерството бара од МЗШВ да одговори дали е склучен договорот и доколку е, веднаш да го раскине бидејќи се наоѓа во градежен реон, вели тој.
Трипуновски потенцира дека поседуваме уште договори кои што ќе гиобјават, за јавноста да знае за каква измама и кривично дело станува збор.
Основано се сомневаме дека ова не е случајност, туку се работи за организирана шема на Николовски, за отуѓување на државно земјиште на ексклузивни локации, кои треба да бидат откупени за народски кажано џабе, а потоа да бидат препродадени за милионски суми.
ЈО и институциите да не чекаат, и веднаш да отворат постапка за овој огромен скандал.
Ние продолжуваме со објавување нови детали, како Николовски штанцал нелегални договори и на тој начин го раскрчмувал земјиштето во сопственост на државата.
Одговорност мора и ќе има, порачува тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.