Од полноќ има нова цена на горивата. Бензините поскапеа за денар а дизелот за половина денар со одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Тоа е осма седмица по ред како расте цената на бензините и на дизелот. Во моментов 95 октанскиот супер на бензиниските се точи по 82 денари за литар додека литар од 98 октанскиот бензин чини 84 денари. Дизелот во моментов се точи по 74 денари за литар.

Само од почетокот на годинава, за неполни два месеца дизелот поскапел за дури 10 денари по литар додека бензинот поскапел за 8,5 денари за еден литар.

На денешен ден минатата година, литар дизел чинел 54 денари или 20 денари помалку од денешната цена. Исто така за околу 20 денари помалку чинел и бензинот.

 

Движењата на цените на суровата нафта на светските берзи не оставаат некој простор за оптимизам. Тензиите околу Украина и закрепнувањето на светските економии по корона кризата влијаат на зголемување на побарувачката на нафта на што пазарот реагира очекувано, со раст на цените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.