Македонските граѓани од овој месец имаат за 30 проценти поевтин роаминг со земјите од ЕУ, соопшти министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Од 1 октомври веќе стапи во сила Договорот помеѓу операторите на ЕУ и операторите во Западен Балкан за намалување на цените на роаминг податоците во склоп на процесите во ЕУ. Тоа значи дека нашите граѓани и бизниси кога ќе одат во странство веќе имаат 30 проценти помали трошоци за роаминг и обратно, значи граѓаните или бизнисите од ЕУ имаат 30% намалени трошоци за роаминг, изјави Алиу, на брифинг со медиумите.
Прашан конкретно што би значело тоа во однос на цените, Алиу изјави дека тие се во надлежност на операторите.
Конкретно, најверојатно операторите очекуваме овие денови да излезат со понуди, со пакети во коишто ќе ги имаат, ќе ги понудат (цените), бидејќи Договорот е помеѓу операторите на ЕУ и операторите на Западен Балкан, изјави Алиу.
Тој нагласи дека се дефинирани и активности за натамошно постепено намалување на цените за роамингот и тоа во 2026 година ќе има исто така намалување за 30 проценти, а се очекува во 2028 година цените за роаминг да бидат исти како цените на тие услуги коишто ги има на домашниот пазар.
Тоа значи дека во 2028 година истите цени ќе ги имаме како внатре, така и надвор од државата, вели министерот за информатичко општество и администрација.
На новинарско прашање, Алиу посочи дека сите оператори се согласиле да ги намалат цените и оти од операторите зависи како ќе комуницираат со граѓаните и дали ќе информираат преку кампањи, бидејќи станува збор за приватен сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.