Македонија се наоѓа во тешка економска состојба со низок раст на стопанството и зголемени цени на производите и услугите. Од друга страна, македонските граѓани одвај успеваат да поминат месецот и да врзат крај со крај, платите им се ниски цените високи така што нивната куповна моќ е сериозно намалена. Тоа значи дека најголемиот процент од македонските граѓани со нивните пати не може да си ја дозволат синдикалната кошница со основни намирници услуги за нормално функционирање на нивните семејства.

Просечниот македонски граѓанин се повеќе осиромашува, и покрај тврдењата на властите дека ги покачува платите и дека ја зголемува нивата куповната моќ, а тоа може да се види секојдневно на улиците и според турканиците во нискобуџетните продажни места, односно маркетите. Ако некогаш тие продажни места беа резервирани само за пензионерите кои поради ниските износи на пензии можеа да си дозволат само таму да пазаруваат, сега таму може да се забележат и купувачи од таканаречената „средна класа“, за која прашање е и дали воопшто постои во Македонија.

Дека е тоа така, може да се види од секојдневните протести на разни синдикати и здруженија на граѓани кои изминатиов период го кренаа гласит и го изразија нивниот револт поради ниските примања.

Низ целиот летен период, наместо на имаат финансиски можности да одат на одмор, пензионерите во сите македонски градови го поминаа на улици протестирајќи, кои сеуште протестираат, барајќи линеарно покачување на пензиите за да можат да ги покријат основните месечни трошоци. Но, и покрај секојдневните барања и апели на пензионерите за повисоки пензии, нивните барања наидоа на глуви уши. Власта, како и за сите други кои бараат повисоки примања, се однесува како да не постојат.

Најтрагичен беше протестот на пензионерите во Штип, каде што тие со празни тегли го изразија својот револт, велејќи дека толку можеле да направат со пензиите кои ги добиле во септември месец.

Незадоволни од примањата се и вработените во судско обвинителската администрација, кои својот револт го изразуваат не само во форма на протест, туку сега веќе е во форма на штрајк, што значи дека ќе трпи целиот работен процес, а тие ќе обработуваат само итни предмети.

Протестираа и здравствените работници кои барат зголемување на платите за 30 проценти на докторите, медицинскиот персонал, јавната администрација во здравствените установи и на техничкиот персонал. Денеска пред Министерството за здравство пак, ќе протестира Независниот синдикат на здравствените работници со повторно барање за поголеми плати.

Административците бараат поголеми плати. Револтот кај нив се појави откако пролетва за 78% се зголемија платите на функционерите по одлуката на Уставниот суд, а дополнително ескалираше кога премиерот Ковачевски најави дека нема да се намалуваат функционерските плати, бидејќи според законот, примањата на судиите, обвинителите и правниците не смеат да се коригираат надолу.

Ако до сега протестирањата биле поединечни и секоја институција поединечно, преку своите синдикати, ги изразуваше нивното незадоволство и револт, како и барањата за покачување на платите, денеска тоа добива нова форма и денеска на голем протест пред Собранието излегуваат вработените од судската и обвинителската администрација, Фондот за здравство и Народниот правобранител.

Вработените во Народниот правобранител пак, прв пат излегоа на протест во вторникот со барање за поголеми плати. Истакнаа дека имаат голем обем на работа, а нивните месечни примања во моментов заостануваат во однос на останатите независни регулаторни тела.

И додека синдикатите се на улица, слободно може да се констатира дека владата уво не ја боли, а премиерот Димитар Ковачевски си шета по регионот и светот. И не само тоа, додека македонските граѓани мака мачат да го поминат месецот, Ковачевски се весели по кафеани во регионот и пеејќи, ги забавува гостите, како што беше примерот од пред недела дена во Србија, каде што видно расположен, без никаква грижа за состојбите во Македонија, со чаша вино во рацете им пееше на гостите во српската кафеана во друштво на српскиот премиер Александар Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.