„Вчера беше блокадата не регионалниот Кавадарци – Неготино, а таа е резултат на тоа што во моментов не само лозарите, туку и овоштарите од Тиквешијата практично од Росоман, Неготино и Кавадарци се соочуваат со недостаток на вода за полевање. Само за потсетување здружението кое што егзистира на тој регион односно земјоделците од тој регион уште пред десетина дена апелираа до власта дека треба да се пушти водата во каналите односно во системот за наводнување за да можат површините да бидат навремено снабдени со вода. Меѓутоа власта како и по обичај и за сите останати работи во државата така и за оваа круцијална ситуација остана глува односно пумпите и сите системи во Тиквешијата останаа празни. Тоа резултираше со она што вчера се случи со еден протест на кој што нормално бев и јас, секогаш сум бил во првите редови кога се работи за интерес на земјоделците така и вчера“, истакна Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство при ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Трипуновски додаде дека на почетокот на сезоната на полевање кога е најпотребна водата за земјоделските насади ја нема.

Законскиот рок на АД Водостопанство да ги наполни каналските мрежи со вода е 15-ти април, а денеска сме 16-ти мај тоа значи дека повеќе од еден месец нема вода за полевање, нагласи Трипуновски.

Посочи дека она што дополнително ќе се одрази на нареднава производна сезона е тоа што во моментов праските, кајсиите, сите овошки во Тиквешијата го формираат плодот, а бидејќи нема доволно вода не можат да го преминат во фаза два, а тоа значи дека ќе има минимална големина на производот.

Оваа ситуација со Водостопанството не е само оваа година, за потсетување слични вакви протести и негодувања од земјоделците имаше и 2019-та, 2020-та, скоро трета, четврта година се случува истото, нагласи Трипуновски.

Трипуновски појасни дека АД Водостопанство зимскиот период го преспиваат наместо да набават делови за цевките за да се започне сезоната за полевање навреме.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.