Трудот на работниците мора да се почитува, особено во делот на унапредувањето на работничкиот статус и квалитетот на живеење во услови на економска и здравствена криза. Затоа Владата преку дијалог со работниците и работодавачите ќе ја зголеми минималната плата на 18.000 денари а до крајот на мандатот на 20.000 денари, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во интервју за утринската програма на МРТВ.
Денеска со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија имаме состанок кај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Ќе разговараме за минималната плата и за дијалогот кој ќе го продолжиме понатаму во Економско социјалниот совет за да изнајдеме најдобро решение прифатливо за сите“, рече министерката Тренчевска во интервјуто.
Министерката информираше дека инспекциските служби будно ја следат имплементацијата на Законот за работни односи и на Законот за трговија во врска со законското решение недела да биде неработен ден со кој 92% од работниците нема да работат. Тренчевска посочи дека од почетокот на годината извршени се 163 инспекциски надзори при што се констатирани 34 неправилности за кои се изречени инспекциски мерки. Од нив 29 се решенија за опомена согласно Законот за работни односи а 5 се за забрана согласно Законот за трговија.
Сите податоци од извршените инспекциски надзори јавно се објавени на страницата на Државниот инспекторат за труд. Наскоро очекувам да биде објавена и листата на работодавачи кои што доставиле известување, согласно Законот за работни односи, од обврската пријава дека ќе работат во недела. Така сите заинтересирани граѓани и медиуми можат да следат кои работодавачи ќе работат во недела. Ако видат дека некој нема пријава за работа во недела ќе може да ја пријават неправилноста“, рече министерката Тренчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.