Во понеделник, 4-ти декември од 10 часот почнува разгледувањето на Буџетот за 2024-та година. ВМРО-ДПМНЕ смета дека се работи за буџет кој досега е историски највисок, нереален, предизборен и составен така за да може да се искраде и подели помеѓу бизнисмените од власта.

„Ништо од макроекономските проекции не е точно, како што не беше ни изминатите години. Повторно ќе се обидат да направат предизборен поткуп и да си ги остварат личните бизнис интереси додека народот ќе живее уште посиромашно, а стопанството ќе продолжи да тоне. Македонија денес претставува земја со најнизок економски раст во регионот. Корона криза и војна во Украина се реалност која ги погоди сите економии во регионот, но нашата Влада најлошо се снајде и тоа е факт кој го нотираат сите меѓународни финансиски организации. Инфлацијата во изминатите 2 години надмина 30%, а кај храната и електричната енергија кои се неопходни за нормално функционирање достигна и над 50%“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Како што додаде, прашање на денови е кога јавниот долг ќе надмине 9 милијарди евра, пари кои ќе треба да ги враќаат идните генерации. Само за камати во 2024-та година, рече тој, ќе се исплатат над 270 милиони евра, историски највисок износ за оваа намена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.