Сојузот на стопански комори (ССК) бара, во услови на прогласена кризна состојба, да се дозволи поставување фотоволтаични панели паралелно со обезбедувањето на потребните дозволи и целокупната документација.

Според Сојузот, голем број компании се подготвени да инвестираат во фотоволтаици и веќе ги имаат направено неопходните набавки, но процесот е закочен заради бирократските процедури за обезбедување дозволи.

Барањето е неопходно, разумно и не ангажира никакви дополнителни средства за реализација од страна на државниот буџет, а ќе се дозволи компаниите со свои инвестиции да ги намалат и енергетската зависност и сметките за електрична енергија – наведуваат од ССК.

Од Сојузот оценуваат дека Владата и надлежните институции треба брзо и ефикасно да постапат и да преземат се што е во нивна надлежност за создавање подобри услови за работење на бизнисите во услови на криза.

Состојбата во која се наоѓаат бизнисите е исклучително предизвикувачка и неопходно е итно и неодложно да се обезбедат соодветни, таргетирани и реални мерки за поддршка. Енергетската криза му задава тежок удар на стопанството, a ценовниот притисок што го предизвикуваат рекордните вредности на електричната енергија на берзите веќе почна да предизвикува затворање на одредени производни капацитети. Уште во август доставивме 14 барања за мерки од кои со најголемо значење се тие за ограничување на цената на струјата до одредено ниво до кое ќе ја плаќаат претпријатијата, додека над тоа ниво да ја плаќа Владата преку фондови наменети за енергетска кризна состојба како и обезбедување на струја од домашните производни капацитети, по поповолна цена за стопанството – наведуваат од ССК.

Во рамки на пакетот мерки што го подготви Сојузот во соработка со експерти беше и барањето за укинување на ДДВ за фотоволтаици и опрема за монтажа на фотоволтаици, како и за инвертер клими и агрегати со кои може да се намали количината на енергија која се ангажира за загреење на објектите.

Со цел да се дестимулира употребата, потребно е да се воведе дополнителен данок за користење енергетски неефикасни уреди за загревање, а во Скопје и во другите градови каде има можност, треба да се обезбеди бесплатно приклучување на систем на централно греење – истакнуваат од ССК.

Сојузот предлага и мерки за зголемување на енергетската ефикасност, меѓу кои оданочување со повисок данок на стариот тип светилки со вжарено влакно кои во продавниците треба да се одвојат на посебен рафт и да се обележат како енергетски неефикасни, во Законот за градење да се изврши измена со која при градбата на нови објекти задолжително да постои обврска за монтирање енергетски ефикасни решенија и фотоволтаици на крововите.

Потребно е и да се класифицираат новите градби според степенот на енергетската ефикасност и еден дел од комуналните давачки да се одредува според енергетска класа на објектот – дополнува ССК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.