Со ребалансот на буџетот ќе се скратат 200 милиони евра непродуктивни трошоци, расходите поради кризата и поради потребата да се заштити стандардот на граѓаните ќе мора да се зголемат за над 470 милиони евра. Ова значи дека со ребалансот ќе има нето зголемување на расходите за 260 милиони евра, соопшти на пресконференција министерот за финансии Фатмир Бесими..

Дефицитот во буџетот ќе изнесува 694 милиони евра, или 5,3 отсто од бруто домашниот производ.

Нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандарот на граѓаните и поддршка на стопанството се обезбедуваат со ребалансот на Буџетот, како средства за заштита или резерва и во случај на потреба ќе влезат во нов пакет мерки. Се обезбедуваат и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците, информираше денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

 

Со ребалансот на Буџетот, што го усвои вчера Владата, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза, рече Бесими.

 

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти, што е намалување за 1,4 п.п. во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот. Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот, при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3 проценти.

Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализирано преку зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок, најави Бесими.

Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти, што е интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година. Меѓународните финансиски институции, укажа Бесими, очекуваат во втората половина од годината умерено и постепено да се стабилизираат ценовните притисоци, додека догодина да дојде до нивна целосна стабилизација.

Според Бесими, годинава се очекува раст на побарувачката за работна сила, поттикната преку активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Според основното макроекономско сценарио, растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6 проценти, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9 проценти, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5 проценти.

Просечната нето-плата се очекува забрзано да расте со проекција од 11 проценти за 2022, во услови на покачување на минималната плата за 18,4% во март, зголемување на платите во секторот образование, како и пораст на платите во некои високо-продуктивни дејности, како што се информациско-комуникациската дејност, стручни, научни и технички дејности.

Како што образложи Бесими, нарушувањата на глобалните синџири на добавување, како резултат на пандемијата, се покажале подолгорочни и придонеле за ценовни притисоци кај примарните производи, како храната и енергентите, а војната во Украина „долеа масло на оганот“.

Од почетокот на годината, конфликтот создаде дополнителни притисоци кај примарните производи, поради значајната улога на Русија и Украина во европските и светските синџири на добавување, како едни од најголемите извозници на енергенти и житарици.Дополнително, војната внесе нова неизвесност во изгледите за светската економија, рече Бесими. 

Имајќи ги предвид проекциите за нашите најголеми трговски партнери, наведе министерот, како и преземените фискални мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на фирмите, очекувањата за нашата економија се дека заздравувањето на економијата во минатата година, ќе продолжи и во 2022 година, но со успорено темпо. Сепак, потенцира Бесими, очекувањата се дека во 2022 година економијата ќе се врати на преткризното ниво.  



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.