Еден од најдборите економисти во Македонија и поранешен висок кадар на СДСМ Зоран Јовановски се осврнува на проекциите за една од најтешките зими, која е на неколку месеци пред нас. Јовановски нагласува две работи – прво, вели, мора да се знае кој точно одлучува за енергетиката, а второ, според него, важно е да се разработат три сценарија: основно, песимистично и оптимистично.

Збор-два за тоа што ни доаѓа. Сосема е јасно дека зимава ќе биде многу тешка. Такви сигнали доаѓаат од многу земји во Европа. Сите се подготвуваат, најавуваат штедење, рестрикции.
Во ваква ситуација треба да се направат барем две работи.
Прво, да се знае точно кој е тој во државава кој ги носи конечните одлуки за енергетиката. Треба да се знае по име и презиме. Ова е важно затоа што има еден куп разно-разни субјекти и сите покриваат само дел од енергетскиот систем. Мора да се знае кој ги координира сите и одлучува.
Второ, треба да се направат барем три сценарија за зимава, основно, песимистичко и оптимистичко. Ова е базична работа што ја знае секој што правел некакви проекции. Притоа, треба да се има одговор на сите прашања за можни ситуации, без оглед колку тие и да изгледаат малку веројатни во моментот. На пример, што ако Русија го запре гасот? Што ако Бугарија ја затвори границата за проток на енергија? Што ако Те-То како приватна компанија одлучи да не работи зимава на ист начин како лани и има опасност да нема парно греење во Скопје? Ова се само некои од прашањата.
Само вака ќе се земат предвид и најопасните ситуации и ќе се бараат уште сега решенија за секој случај. Поарно спремни одошто изненадени, пишува Јовановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.