Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Десеттиот регионален состанок на гувернерите на централни банки, што се одржува во Ровињ, Хрватска, за државната ХТВ изјави дека очекува забавување на економскиот раст, како и забрзување на инфлацијата.

На овогодишниот состанoк темите се економско закрепнување во контекст на конфликтот во Украина и санкциите кон Русија, неизвесноста и финансискиот сектор, инфлацијата и монетарната политика.

Гувернерката истакна дека слично со останатите земји во регионот, директните трговски и финансиски врски на Република Македонија со Русија и Украина се слаби, како и дека конфликтот ќе влијае на македонската економија преку други канали. Таа напомена дека трговијата со овие две земји е помалку од два отсто од вкупната трговија, а уделот на странски директни инвестиции од Русија и Украина е исто така многу низок, или 0,5 отсто од вкупните странски директни инвестиции во 2020 година.

Сепак, индиректните влијанија, преку глобалната, но пред сѐ, европската економија врз земјите од регионот нема да изостанат. Тие ќе се почувствуваат преку четири главни канали – трговија, цената на примарните производи, затегнувањето на меѓународните финансиски пазари и довербата кај потрошувачите – посочи Ангеловска-Бежоска.

Таа истакна дека ММФ прогнозирал дека глобалната трговија ќе расте, но поспоро – 5%, цените на примарните производи од почетокот на годинава сѐ уште имаат нагорен тренд, каматните стапки на меѓународните финансиски пазари се зголемиле, а неизвесноста може да ги забави инвестициите и потрошувачката. Таа додава дека, сепак, меѓународните финансиски институции тековно очекуваат дека економиите ќе растат, иако со забавена динамика, а инфлацијата од втората половина на годината постепено да се стабилизира.

Гувернерката нагласи дека повторно на потег се монетарната и фискалната политика – монетарната политика во насока на одржување на стабилноста, додека фискалната преку мерки за поддршка да ги ублажи ефектите врз економската активност на краток рок.

На среден и долг рок, потребно е спроведување на агендата на структурни реформи, кој е единствен начин да се постигнат долгорочни ефекти – изјави Ангеловска-Бежовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.