Прилепските угостители се соочуваат со недостиг од персонал и до 40 отсто и истакнуваат дека моментално ова е најголемиот проблем за нив. Бараат законски измени за да може да ги вклучат и средношколците во ангажирањето на работна сила.

Според Јорданчо Момироски, претседател на здружението за угостителство и туризам „Меанџии“ од Прилеп, разговарано е со Стопанската комора и со претставници од Агенцијата за вработување.

Има недостиг од келнери, готвачи, помошен персонал. Имаме голем проблем во сите сфери во угостителството. Моментално работиме со помалку персонал, кој колку може, па и самите сопственици работат. Но, со недостиг од персонал се скратува и понудата во менијата. Бараме и законски регулативи и средношколци да може да работат, да ги вклучиме, бидејќи тие сѐ уште не може да работат во странство. За вклучување на средношколците разговаравме и со Стопанската комора и со претставници на Агенцијата за вработување. Има некои законски рамки за да бидат приправници за да може регуларно да ги вклопиме во системот на работа. Само има проблем што од секое средно училиште не може да се ангажира од која било насока. Се надеваме дека за брзо ќе се реши. Моментално може да се вработуваат 18-годишници, матуранти. Тоа е единствениот излез засега да се покрие недостигот од персонал – вели Момироски.

Годинава, главен тренд на сезонско работење во хотелиерството е во Хрватска. Ирена Петреска, регионален менаџер во агенција за посредување за работа во странство вели дека 5.000 до 7.000 Македонци ова лето ќе го поминат во сезонска работа во хрватското хотелиерство. Одат и за заработувачка и да престојуваат во атрактивни туристички места.

Но, има уште поголем проблем.

Македонците имаат тренд на групни миграции, така што, по завршувањето на кризниот период со короната, како дестинација најмногу се јавува Хрватска. Проблемот не е тоа што ќе поминат сезонско вработување, проблемот е карактерот на вработувањето. Тие ќе работат сезонски, без можност за постојано или долгорочно вработување, но, од друга страна, ќе се вратат во Македонија и повторно ќе бидат невработени лица, сѐ додека не се смени нешто во системот и во начинот на работењето во угостителството – вели Петреска.

Во Прилеп има 80 угостителски субјекти со околу 700 вработени. Јорданчо Момироски смета дека угостителите прават напори да дадат поголема плата.

Моментно на персоналот му е зголемена основната плата, а земаат и добри дневници. Угостителите, во рамките на своите можности го даваат максимумот на секој начин за да се задржи персоналот. Се одразува и светската криза. Прво на удар е угостителството – вели преседателот на прилепското здружение за угостителство и туризам „Меанџии“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.