Прв чартер лет на шпанската национална авиокомпанија Ибериа, од Мадрид, вчера попладне слета на Меѓународниот Аеродром Скопје и донесе 120 шпански туристи во Македонија, вклучувајќи и шпански блогери, кои ќе ја истражуваат земјава во следните неколку дена, објави денеска на својата Фејсбук страница операторот на аеродромите во државава ТАВ Македонија.
-Овој лет е резултат на соработката на домашниот тур-оператор Balkan Prime Tours и шпанскиот тур-оператор Sama Travel. Станува збор за пробен лет, кој е плод на иницијативата и активностите на ТАВ Македонија и македонскиот тур-оператор Balkan Prime Tours во изминатите неколку години, со цел отворање директни летови до Шпанија.Со овој лет на Ибериа, шпанските туристи ќе ја запознаат Македонија како туристичка дестинација, со цел да се создаде побарувачка за авионско поврзување меѓу #Скопје и #Мадрид и од страната на Шпанците, а врз основа на тоа авиокомпанијата Iberia следната година да отвори сезонски летови до шпанската престолнина, појаснуваат од ТАВ во објавата.
За пристигнувањето на шпанските туристи и блогери и првиот чартер лет во соопштение информира и македонскиот дојдовен тур-оператор Balkan Prime Tours.
-Ова е резултат на активностите на Balkan Prime Tours во изминатите неколку години, на контакти со нашите колеги во Шпанија, со што се надеваме дека ќе ја направиме Македонија атрактивна дестинација за шпанските туристи, и дека тие во иднина ќе доаѓаат во што поголем број, вели во пишана изјава Влатко Сулев оперативен директор на Balkan Prime Tours.
Извор: МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.