Владата цело време зборува под определени флоскули. Ако секаде има инфлација, тогаш зошто нашите граѓани одат да пазарат во Србија, нека ми кажат? Зошто цените во Србија се помали отколку во Македонија, нели секаде има инфлација? Зошто сме најслаби по економски раст? Зошто оние кои живеат во југозападна Македонија пазарат во Албанија и како секаде цените за храна се поевтини, а кај нас најскапи, вели за „Студио 10“ на ТВ24, Љупчо Пренџов, пратеник од пратеничката група на коалицијата „За обнова на Македонија“.

Тој потенцираше дека се во Македонија е поскапо, граѓаните се оставени сами на себе, а немаме држава ни која ги штити националните интереси, немаме држава која ги штити граѓаните.

– Да вие не се грижите кон оние кои ве плаќаат, кон оние заради кои постоите. Владата постои заради граѓаните, а не обратно.  Се она кое се носи, се носи позади завесите. Последните поскапувања, колку треба да сте нерационални, велат дека замрзнуваат цени и после три дена со одлука на влада и покачувате ДДВ за 5% или 10%. Од политики и пиар не се живее, се живее од конкретна економија. Поскапувањето го правдаа дека перки од ајкула ќе поскапат, а се друго ќе остане исто. Не ги почитуваа интересите на граѓаните, нагласи Пренџов.

Тој посочи дека сирење и кашкавал да имате дома не е луксуз, туку нормално, да имате зимница не е луксуз.

– Не знаат кај тераат, државата ја направија бунар без дно, макроекономската стабилност ја нарушија, секој ден се задолжуваат со по 200-300 милиони, немаат донесено ниту една странска инвестиција, секој ден гледаат на анкети како губат и тоа се еден комплет настани.  Власта со зборот стратегија е скарана.  Кога правите стратегија треба да направите инклузивен процес со сите кои се директно или индиректно засегнати.  Тие мораше да ги викнат сите засегнати страни од производители, трговци на големо и мало, секој со своите потреби и да се направи стратегија во која ќе биде вклучена и опозицијата. Да имаа стратегија немаше да имаме највисоки цени на Балканот, изјави Пренџов.

Пренџов додаде дека од власта размислуваат како до утре или максимум до задутре, а граѓаните ја плаќаат нивната тврдоглавост.

– Премиерот е типичен пример за народната дека „сит на гладен не верува“. Ако ние сме даночен рај, зошто се оди да се пазари во Србија, Албанија, Бугарија? Ако имаме најниски даноци зошто имаме највисоки цени на храната, истакна Пренџов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.