Од СДСМ повторно сеат страв, сега кај пензионерите, тврди Трајко Славески.

Со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување за пензиите за 5.000 денари во текот на оваа и наредната година, според нивниот економски фронтмен Фатмир Битиќи, наводно за неколку години пензионерите ќе останеле без пензии!

Според Славески поновата економска историја покажува дека за да бидат пензионерите релативно задоволни, просечната пензија треба да изнесува околу 60% од просечната плата.

Како по правило, во сите периоди на владеење на СДСМ по осамостојувањето, овој сооднос се менува на штета на пензионерите. Каков било модел за усогласување да применат, при што сдсмовците се склони кон често експериментирање, пензиите стагнираат во однос на зголемувањето на платите.

Во тие периоди, односот просечна пензија – просечна плата паѓа на околу 50%.

Во 1990-тите години од минатиот век, во „Бранково време“, односот беше нарушен поради закинувањето на фамозните „8 отсто“ нереализирано зголемување на пензиите, затоа што ако тоа се случело, „ќе потонел чамецот“, т.е. ФПИОМ.

Во наредната декада, прва од новиот век и милениум, се случи нешто слично за време на владата предводена од СДСМ, во периодот 2002-2006 година.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не само што им ги надомести закинатите 8 отсто на пензионерите, туку спроведе и линеарно зголемување на пензиите, со што повторно беше воспоставен соодносот од околу 60% помеѓу просечната пензија и просечната плата во Република Македонија.

И не само што не пропадна Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како што и тогаш тврдеше опозицискиот СДСМ, туку пензиите, кои претходно се исплаќаа во три групи од први до петнаесетти во месецот, започнаа да се исплаќаат истовремено за сите корисници на првиот ден од секој месец.

Проклетството што редовно го следи СДСМ во однос на пензиите се повтори уште еднаш за време на владеењето на ДУИ и СДСМ. Така, ако во 2016 година просечната пензија беше достигнала 64% од просечната плата, во 2024 година овој сооднос се сведе на само 54%.

Оттаму, предлогот за линеарно зголемување на пензиите за по 5.000 денари во текот на оваа и наредната година, презентиран во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, е супериорен во однос на каква било понуда од страна на СДСМ, заклучува Славески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.