И после цели две години од затворањето на Еуростандард банка, на толку многу видливи, достапни и лесно проверливи докази, никој сеуште не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот.
Еве што е констатирано во официјалниот извештај за Еуростандард банка за нејзината економско-финансиска состојба на денот на нејзиното затворање 12 август 2020 година, сумирано во три главни точки.
Прво, банката преземала голем кредитен ризик кај клиентите кај кои одобрила изложеност покриена единствено со меница или пак вредноста на обезбедувањето била пониска од изложеноста на клиентот. Односно, банката одобрувала изложености иако истите не ги исполнувале критериумите за одобрување дефинирани во кредитната политика на банката.
Второ, се делеле многу ненаплатливи и тешко наплатливи кредити, а пред се поради лошо управување со кредитното портфолио и непостоење или целосно занемарување на системите за контрола на кредитниот ризик, некомпетентност на одговорните лица односно извлекување на пари од банката преку доделување и одобрување на кредити без соодветни гаранции.
И трето, констатирана е пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски на клиенти и непрепознавање на ризикот кај поврзани лица во банката.
Заклучокот во извештајот е дека банката станала несолвентна од причини што речиси 60 отсто од вкупното кредитно портфолио кај правните и физички лица биле целосно или делумно ненаплатливи.
Трифун Костовски, долгогодишниот претседател на надзорниот одбор на банката и најголем акционер во истата, јавно посочи повеќе примери како се кределе парите од депозитите во банката. Меѓу другото, тој и јавно призна дека уште во 2019 година свесно сторил кривично дело со префрлање на речиси три милиони евра од депозитите на Еуростандард банка во соседната Комерцијална банка за да служат како гаранција за издадени кредити на трети лица, кои пари потоа биле и повлечени од Комерцијална банка на денот на затворање на Еуростандард банка. Воедно, Трифун Костовски јавно изјави и дека во банката честопати се запишувале фиктивни процени на имот само со цел формално да се задоволат условите за одобрување кредити на клиенти во банката.
При организирана кражба на толку многу пари која траела со години не е ни можно да првиот човек на надзорниот одбор на банката заедно со неговите блиски соработници, претседателите на управниот и кредитниот одбор, Николче Петкоски и Коста Костовски, не знаеле ниту виделе а одобрувале ненаплатливи кредити во милионски суми. Тие, впрочем, се и единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат.
Доказите за сторениот организиран криминал во Еуростандард банка се веќе одамна во рацете на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, коешто започна истрага уште во февруари минатата година. Тие се јасни и недвосмислени. Во тие документи се гледа кој се одобрувал ненаплатливи кредити, кој ги делел истите, со кого се ги делел, кој перел пари, фалсификувал документи или вршел разни други видови на измами, злоупотреби и проневери.
Вистината мора да се дознае и правдата да се задоволи. Зошто Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и понатаму молчи? Дали на тој начин дозволува да овој масовен грабеж на депозитите од ограбената банка помине неказнето и остане во заборав на времето додека тие што не покрале продолжат да уживаат со украдените пари!?
После цели две години молк, време е веќе да делувате!
Здружение на оштетени штедачи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.