Дојде моментот кога СДСМ ќе покаже дали зголемувањето на минималната плата е со искрена намера која ќе важи за сите или пак тоа е само нова и селективна популистичка мерка, истакна Жаклина Пешевска, пратенички на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
-Имено, денес на дневен ред на Комисијата за труд и социјална политика е предлог законот за минимална плата. За таа цел, како што најавивме претходно, како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе интервенираме амандмански со што ќе бараме да не се дозволи урамниловка односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места.
Со овој амандман ќе побараме износот на коефициентите и вредноста на бодовите на Колективните договори на сите нивоа и во сите области во јавниот сектор да биде усогласен со порастот на минималната плата т.е. нивно скалесто зголемување во однос на минималната плата.
Во изминативе денови се изнаслушавме од владејачкото мнозинство разни напади и обвинувања дека пратениците на опозицијата го кочат законот за зголемување на минималната плата. Но, во СДСМ очигледно забораваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата која што првично го воведе концептот за минимална плата во Република Македонија, но за разлика од сега, наместо да чекаме преговори меѓу засегнатите страни до последен момент да не се знае колкава ќе биде минималната плата, тогаш минималната плата се знаеше однапред најмалку една година. На тој начин покажувавме грижа за стопанствениците бидејќи таквата политика доведуваше до предвидливост кај стопанските субјекти за идните трошоци кои ќе ги имаат за вработените.
Оттука, како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ сакаме да им порачаме на колегите пратеници од мнозинството дека за незадоволството кај синдикатите од селективноста на нивното решение се виновни само СДСМ и никој друг. Залудни и досадни се обвинувањата на СДСМ дека секогаш некој друг е виновен за нивната неспособност. Јавноста многу добро знае кој е во право, а кој само се обидува да најде изговори и ништо да не работи.
На крајот, апелираме до владејачкото мнозинство да излезат во пресрет на барањата на сите вработени и засегнати со зголемувањето на минималната плата и конечно да покажат дека нивната искрена цел е подобар стандард и живот за граѓаните, а не популистички краткотрајни мерки кои ќе купат неколку месечен мир во власта, подвлече Пешевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.