Земјоделците од кочанскиот регион бараат итна исплата од ресорното Министерство на ветената интервентна финансиска помош од три денари за предаден килограм арпа, за да можат да ги подготват нивите пред сеидбената сезона.
Оризопроизводителите очекувале до крајот на март, до кога бил крајниот рок, да ги добијат парите, но на сметките сè уште немаат никаков прилив, а веќе прават трошоци за орање и набавка на репроматеријали за новата сеидба.
Нема ништо од Ковид мерката за исплата по кантарна белешка на дополнителни три денари за килограм предадена арпа. Се најавуваше исплата до средината на јануари, средина на февруари, па крај на март, а парите уште ги нема. Средствата ни се толку неопходни во овој момент за да можеме нормално да ја завршиме подготовката за новата сеидба на оризот. Се прашуваме дали треба блокадите на регионалниот пат Штип – Кочани повторно да се активираат, за да добиеме нешто – истакна Здравко Арсов од Иницијативниот одбор на оризопрозиводителите.
Според пресметките на Иницијативниот одбор на оризопроизводителите, минатата година се произведени околу 25 илјади тони оризова арпа, а за количините што во предвидениот рок биле предадени кај откупувачите треба да се исплати поддршката од интервентна мерка.
Во меѓувреме оризопроизводителите ги подготвуваат површините за претстојната сеидба, а според најавите од водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани годинава ќе се засеат околу илјада хектари помалку во споредба со лани. Причината за намалувањето е сушниот период во текот на зимата и пролетта, а во моментот во акумулацијата Калиманци има 81 милион кубни метри вода, што е за една третина помалку од нејзиниот капацитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.