Оризопроизводителите од кочанско реагираат дека импортираниот ориз од Индија, Пакистан и земјите од далечниот Исток, го руши квалитетот на кочанското „бело злато“. велат Македонскиот пазар е преплавен со ориз од увоз и нема заштита на домашното производство.

Имаше многу увезен ориз оваа година, кој се брендира како кочански. Бараме инспекторатот да излезе на терен и да го провери квалитетот, па ако не е кочански, да се продава по онаа марка како што е увезена, дали индиски, пакистански, не знаеме, меѓутоа како кочански да не се декларира, бидејќи се уништува нашиот, кочанскиот ориз, а се знае дека тој е бренд и е најквалитетен, изјави Тони Максимов, оризопроизводител од Облешево за „Сител“.

Минатогодишната реколта потфрли и по квалитет и по квантитет, а годинава заради задоцнетата сеидба стравуваат дека жетвата ќе биде уште посиромашна.

Оваа година очекувам да биде полоша од ланската. Оризите се уште се во фаза на зреење, а временските прилики повеќе не се наклонети за оризот. Се плашиме доколку вака продолжи и падне слана, некои ниви нема ниту да се жнеат. Тоа е резултат на касната сеидба и касното пуштање на водата од страна на Водостопанство, додаде Максимов

Единствена надеж во моментот им се ветувањата од ресорното министерство дека откупната цена ќе биде повисока, што ќе ги мотивира оризопроизводителите да продолжат да ги обработуваат полињата, зашто во спротивно, навистина како држава ќе станеме увозно зависни за оваа зрнеста култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.