Македонските граѓани трошат околу 40 отсто од своите месечни приходи за храна, а за друго, како што се режиските трошоци, образованието, културата, туризмот, им остануваат 60 отсто, анализира Агенција „РИА рејтинг“. Таа опфатила 40 европски држави, искористувајќи ги ланските податоци од националните статистички служби.

Истражувањето покажало дека жителите на земјава не се откажуваат од цигарите и од алкохолот и во услови на криза. Па така, во Македонија просечно се трошат четири отсто од приходите за цигари и за алкохол. Има пари и за ресторани, околу 3,6 проценти за трошоци во ресторани, кафулиња и хотели, додека за култура и рекреација има помалку, околу 1,8 отсто.

Македонија се наоѓа на 37. место на листата, пред Молдавија, каде што повеќе се троши за храна, околу 43,8 проценти. Тука некаде е и Казахстан, каде што 47,6 отсто од приходите одат за храна. На врвот од листата со најмал процент трошоци за храна е Луксембург, со околу 8 отсто, а потоа следуваат Холандија и Велика Британија со по 10,6 проценти, Ирска со 11,5 отсто и Финска со 11,7 проценти.

Во категоријата на трошоци за цигари и за алкохол, со четири отсто, Македонија е на делба на 34. место заедно со Литванија и со Турција, а по земјава следуваат Србија со 4,9 проценти и Бугарија со пет отсто. Во Романија, овој трошок е поголем и достигнал 8,2 проценти. На самиот врв е Луксембург со 1,3 отсто трошоци за цигари и за алкохол од вкупните приходи, пред Португалија, Кипар и Молдавија по 1,6 проценти и Шпанија и Германија со по 1,7 отсто. Словенија е 12. со 2,1 процент, Хрватска е 24. со 2,9 отсто, а Грција и Црна Гора се на делба на 29. место со по 3,7 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.