Големите индустриски капацитети, бараат одговорност од Владата. Ја обвинуваат дека биле оставени сами да се борат со енергетската криза. Членките на Стопанската комора најавија дека ќе бараат и оштета за претрпената штета и никогаш повеќе нема да чекаат државата да им ги решава проблемите.

Ако ние како компании навремено реагиравме во тој момент како што треба, и не верувавме во лагите на државата, ние ќе си имавме струја по 118 евра. Епа, еднаш се изгоревме, сега јас прашувам и знам дека во животот е дозволено еднаш да згрешиш, два пати си будала, а трет пат си идиот…“ Сега втор пат ќе згрешиме. Ми доаѓаат бизнисмени и ми велат – од цел свет носите суровини, а не сте способни струја да набавите – рече Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Податоците на бизнисмените покажале дека од 100 анкетирани компании, на некои, сметките за струја им биле повисоки и за речиси 500 отсто.

Во земјоделско – прехранбениот сектор, 75 отсто од анкетираните навеле дека трошокот за електрична енергија им бил зголемен над 100 проценти, потоа 60 отсто од хемискиот сектор навеле дека тоа зголемување е над 250 отсто, а најголемо зголемување на трошоците за електрична енергија има металуршкиот сектор кое се движи и до 470 проценти – рече Билјана Пеева Ѓуриќ, оперативен директор на Стопанска комора.

Поради енергетската криза, дел од големите индустриски капацитети затворија, дел привремено, а некои и трајно. Од бизнис-секторот се децидни дека најголемиот дел од мерките Владата ги носела избрзано, без стратегија или помошта воопшто не стигала до фирмите кои се носечки за домашната економија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.