Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, информираше дека новата верзија на апликацијата „МојДДВ“ е достапна за корисниците на „Хуваеи“ и „Ајфон“, а се чека одобрување уште од „Плеј стор“, напоменувајќи дека апликацијата има нови правила и политика на приватност.

По три години неопходни се промени во апликацијата „МојДДВ“, бидејќи имаме огромен број корисници. Ажурирањето е завршено за корисниците на „Хуваеи“ и „Ајфон“ и тие може да ја преземат новата верзија, додека од „Плеј стор“ уште немаме повратна информација кога новата верзија ќе биде ставена во оптек, рече Лукаревска во „Жешко политичко лето“ на Канал 5.

Апликацијата, како што додаде, има нови правила, политика на приватност, како и огромен број корисници поради што се одолговлекува процесот за проверки.

Овие правила не зависат од нас како институција, туку од тимот што го уредува системот. Очекуваме во најскоро време тоа да биде надминато, појасни Лукаревска.

Во меѓувреме, посочи таа, како алтернатива корисниците може да ги користат баркод читачите и скенерите во сите подрачни единици на УЈП.

Според директорката на УЈП, оваа апликација помага во делот на сузбивање на сивата економија со тоа што граѓаните бараат повеќе фискални сметки на местата каде што пазарат, но истакна дека треба да се вложат повеќе други делови од општеството и сите инспекциски служби за да се избориме со сивата економија.

Од 2023 година, како што потенцираше Лукаревска, ќе се зголеми износот на лимитот од повратот од ДДВ.

Баш одиме во чекор со соодветни економски текови. Мерката само ќе се унапредува, потенцира Лукаревска.

Во однос на ребалансот на буџетот и новите мерки, Лукаревска, која е и потпретседателка на СДСМ, напомена дека се одвојуваат многу повеќе средства за таргетираните категории на граѓани и дека истите ќе бидат навремено имплементирани.

Со ребалансот имаме нова обврска, имаме нов износ на средства кои треба да ги прибереме. Повеќе од 20 милијарди. Повеќе средства ќе има за социјална помош, земјоделство, придонеси за плати, зголемени пензии но и повеќе средства за енергетска ефикасност. Мерките ќе бидат навремени бидејќи во моментот се следат сите капацитети. Ова не е спринт туку маратон, сите знаеме дека не чека долга есен и тешка зима, појасни Лукаревска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.