Како Влада и министерство посветено работиме и ги помагаме земјоделците. Подготвивме и донесовме Интервентен фонд во вредност од 400 милиони денари, а преку дополнителните мерки кои ќе бидат донесени и есенската сеидба, до крајот на годината овој фонд ќе достигне вредност од 600 милиони денари, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во денешното гостување во вестите на Сител телевизија.

Министерот Николовски посочи дека целта на министерството е преку Интервентниот фонд и Планот за производство на храна, да ги мотивира земјоделците и да им ги олесни трошоците за производство на стратешки култури, но и да се зголеми домашното производство, а со тоа да се намали увозната зависност на нашата земја од овие култури.

Ние целиот период претходно макотрпно работевме со сите потсекторски групи, посебно со подсекторската група за жито, се со цел да имаме јасна слика за потребите на земјоделците и да донесеме точни мерки за поддршка. На располагање беше и Факултетот за земјоделски науки и храна кој директно се вклучи во подготовката на Планот за производство на храна, кој Владата оваа недела го донесе, односно првите мерки од овој план. Овие мерки имаат за цел да го мотивираат производството, но и приносот. За секој еден хектар пченица земјоделците ќе добијат 4000 денари само за вештачко ѓубриво и ако остварат принос од 4000 килограми по хектар добиваат дополнителна субвенција од 5700 денари. Кај сончогледот добиваат 2.500 денари по хектар за вештачко ѓубриво и 5700 денари дополнителна субвенција доколку остварат принос од 1,5 тон по хектар и истиот го предадат во преработувачки домашен капацитет, рече министерот Николовски во интервју за Сител.

Министерот Николовски потенцира дека земјоделците навремено и брзо ќе ги добиваат парите, а плаќањето ќе се врши на недела основа преку посебно утврден модел за исплата со Платежната Агенција. Целта е земјоделците веднаш да имаат пари за почеток со оваа сезона при набавка на ѓубрива и прихрана.

Планот за производство на храна предвидува и активирање на дополнителни земјоделски површини. Секоја педа обработливо земјиште ја ставаме на располагање за производство на стратешки култури. Веќе има подготвен јавен оглас, кој Владата треба да го донесе, за доделување на 6.000 хектари за зголемување на производството со житни култури. Дополнително како министерство разгледуваме и можност за ставање во функција и на приватното необработливо земјоделско земјиште преку подготовка на посебен концепт како истото да биде ставено на располагање за производство на храна, изјави министерот Николовски.

Во однос на одлуката од страна на Владата во Република Србија за донесување на одлука за доделување на рафинирано и нерафинирано масло за јадење, министерот Николовски изјави дека е во постојана комуникација и оваа одлука ќе биде донесена на следната владина седница во Република Србија.

Оваа недела Владата на Република Србија ја донесе одлуката за тргање на забраната за нас, а се однесува за 100.000 тони пченица и 20.000 тони пченка и тој процес веќе започна. Се подготвува и сум во постојана комуникација со потпретседателот на Владата Недимовиќ, за на следната седница на Владата во Србија да помине и оваа одлука за рафинирано и нерафинирано масло за јадење, изјави министерот Николовски.

Министерот упати порака за смиреност, лажните вести и паника нема да донесат ништо добро за граѓаните. Само заедно и сплотено можеме да помогнеме на македонското земјоделство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.