Штрајкот на СОНК почнува утре, ќе се одвива во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки, во основните и средните училишта, како и во ученички и студентски домови и високообразовни институции кои по пат на солидарност ќе се приклучат на штрајкот. Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место и ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни.

Како што информира претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков на прес-конференција, оние што солидарно ќе се приклучат на штрајкот веќе имаат потпишано барање за пристапување кон штрајкот за што се известени и соодветните работодавачи.

За жал, до денес немаме позитивни резултати во однос на нашите барања. Со оглед на тоа што одлуката за штрајк е донесена со огромен број на мнозинство на наши членови неминовно е штрајкот да започне во текот на утрешниот ден како што е и најавено. Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место, односно штрајкувачите ќе бидат сместени во простории кои заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно – образовни и згрижувачки дејности. Апелирам до Владата што побрзо да не повика на разговори и што побрзо да најдеме взаемно прифатливо решение и да почне редовната настава. Во спротивно целата одговорност зошто учениците немаат основно загарантирано право на образование ќе падне на ресорните министерства и на Владата – изјави Неделков.

Тој нагласи дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно – образовна и згрижувачка дејност и ќе биде во штрајк, а одговорноста за обезбедување минимум услови за функционирање на установите, како и за прифаќање на децата, како што кажа, ќе имаат директорите.

Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, да згрижуваат и да воспитуваат деца. Покрај тоа, времено ќе бидат одложени и евентуалните наставнички совети, родителски средби, полагање на стручни испити, домашни, регионални, градски и државни натпревари на ученици и се што е поврзано со воспитание и згрижување на деца. Немаме никаква одговорноста ако децата дојдат на училиште или во градинка врз основа на згрижување, воспитание, образование и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. За таа намена можат да се употребат вработени кои евентуално нема да штрајкуваат по разни основи – појасни Неделков.

Тој информира дека во последниот период зачестиле притисоците, најмногу врз вработените во детските градинки, кои, како што посочи, по разни основи се приморуваат утре сите да бидат на своите работни места и да функционираат и работат како да нема штрајк.

Одлуката на Советот на СОНК за штрајк е донесена едногласно врз основа на претходно известување на членовите на синдикалните организации и таа е извршна. Без разлика дали некој поединечно гласал за или против поддршка на штрајкот секој мора да штрајкува. Секој обид за оневозможување на штрајкот е сериозен прекршок кој е казнив по домашните закони – рече Неделков.

Правниот застапник на СОНК, адвокатката Верица Арсова појасни дека ќе бидат поднесени кривични пријави до сите што ќе го попречуваат штрајкот.

Сакаме да им посочиме на директорите на училиштата да не си играат со штрајкувачите. Доколку некој од директорите на училиштата или надворешни лица се обидат да го спречат штрајкот против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до основните јавни обвинителства согласно член 156 од Кривичниот законик, согласно кој за попречување на правото на штрајк е предвидена парична казна или казна затвор до една година – порача Арсова.

За евентуалното вработување на привремени заменски работници кои ќе ги заменат оние што штрајкуваат, што е уредено со Закон донесен во 2014 година, Неделков рече дека Меѓународната организација на трудот побарала од Владата во 2017, 2018 и 2022 година да го тргнат ова законско решение и додала дека овие одредби се сериозна пречка за правото на штрајк.

Досега не е ништо направено. Ова право го задржуваат директорите и основачите преку министерствата да вработуваат нови работници кои би ги замениле местата на штрајкувачите – порача Неделков.

Тој истакна дека не може да предвиди до кога ќе трае штрајкот и кога евентуално Светот на СОНК ќе донесе одлука за прекин на штрајкот или за евентуално ставање во мирување.

Кога ќе биде тоа не зависи од нас. Ние би биле среќни уште утре да се случи и да најдеме заедничко решение. До сега немаме никаков предлог, но мора да имаме во предвид дека било каков предлог членството нема да прифати – порача Неделков и додаде дека ќе мора да ги викнат и да преговараат со нив.

Тој очекува, како што кажа, во текот на утрешниот ден или најдоцна до вторник да има средба со одговорните за да не прерасне штрајкот на СОНК во многу поголем и масовен штрајк во државата, бидејќи, посочи, и другите грански синдикати најавуваат порадикални мерки.

СОНК за утре најави генерален штрајк, бидејќи на средби со ресорните министерства и Владата не се договорија за исполнување на нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти. Ова барање е со цел усогласување со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари што веќе стапи на сила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.