Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај, во чии рамки се вклучени и пролетните макроекономски проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции во јавноста на конференцијата за печатот.

Според последните проекции, макроекономската слика не е значително променета во споредба со претходните оцени. И понатаму се очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата, при оцени за исцрпување на надворешните шокови и позатегнати финансиски услови. Во надворешниот сектор, притисоците врз дефицитот во тековната сметка се помали, поради пониските цени на примарните производи во моментов, но и очекувањата на меѓународните финансиски институции за нивно натамошно намалување за следниот период. Девизните резерви и на краток и на среден рок се во сигурната зона. Ризиците околу проекциите и понатаму постојат, а главно се поврзани со надворешното окружување.

Во однос на економскиот раст, при незначителни промени во претпоставките за домашното и надворешното окружување и земајќи ги предвид најновите достапни информации околу најавените инфраструктурни проекти, проектираниот економски раст за 2023 година изнесува 2,1%, што е помалку во однос на основното сценарио, но во средината на интервалот од двете сценарија од октомвриската проекција. За 2024 и 2025 година, проекциите за БДП се непроменети, односно се очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6% и 4%, соодветно, во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност, а особено активноста на нашите најзначајни трговски партнери. Во поглед на структурата на растот во периодот 2023 ‒ 2024 година, се очекува дека растот и во тековните проекции ќе произлегува од домашната побарувачка, а нето-извозот ќе има мал негативен придонес.

Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на непроменети очекувања за движењето на инфлацијата, односно ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво, во интервалот од 8 до 9% во 2023 година. Енергетската компонента во значителна мера би придонесла за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергентите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната. На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3%, близу до историскиот просек. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста треба внимателно да се следат.

Посилната надолна корекција на очекувањата за берзанските цени на енергијата и храната ги изменија проекциите, поточно сега се очекува значително понизок дефицит на тековната сметка во 2023 година, во споредба со октомвриската проекција, односно стеснување на дефицитот на 3,6% од БДП во 2023 година. Во следниот период се очекува стабилизација на цените, што заедно со очекувањата за подобра глобална економија и закрепнувањето на најзначајните трговски партнери би придонесле за понатамошно стеснување на дефицитот кај тековните трансакции на 3,2% од БДП во 2024 година и 2,7% од БДП во 2025 година. Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителен раст на девизните резерви. Најголемиот дел од финансирањето би се остварил преку странските директни инвестиции, како и долгорочното задолжување на државата. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на ниво соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс.

Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор посочуваат на поумерен раст во однос на октомвриските проекции. На крајот на 2023 година кредитниот раст би забавил сведувајќи се на 5,7% на годишна основа, при што одреден придонес за ваквите движења имаат и донесените монетарни и макропрудентни мерки. Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се предвидува забрзување на растот и на кредитната активност во наредниот период, при што кредитниот раст за периодот 2024 ‒ 2025 година би изнесувал 6,6% во просек. Гледано од аспект на изворите на финансирање, се очекува дека кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, којшто би изнесувал 6,9% во 2023 година и 7,7% во периодот од 2024 до 2025 година, во просек.

Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и за стабилизирање на инфлацијата на среден рок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.