Фиксниот курс на денарот дава стабилност на граѓаните, фирмите и компаниите во отплатата на нивните кредити врзани за еврото, а исто така влијае да се избегнат високи ценовни флуктуации како резултат на увозните цени, наведува Народната банка во објава на „Фејсбук“.
Во објавата се посочува дека стабилниот курс на денарот е механизам за макроекономска дисциплина и за стабилни очекувања и дека Народната банка со сите расположиви инструменти ќе го одржува курсот на денарот стабилен.
Треба да имаме предвид дека македонската економија се одликува со високо ниво на трговска размена со странство, којашто значи поголема подложност на надворешното окружување, вклучително и на промените на курсот на домашната валута во однос на странските валути. При флексибилен курс, тоа би значело релативно брзо и значајно пренесување ефекти од промените во девизниот курс врз домашните цени, со оглед на високото учество на производите кои се увезуваат. Друга одлика е тоа што нашата економија е нето-должник кон странство, што претставува и природна карактеристика за земја во оваа фаза на развој којашто има потреба од дополнителен капитал. При флексибилен девизен курс, хипотетичко намалување на вредноста на денарот би довела до повисок износ на задолженост и можна појава на потешкотии за сервисирање на постојниот долг. Истовремено, во услови на сѐ уште релативно високо ниво на евроизираност на нашата економија, промените во курсот би резултирале и со повисока задолженост на населението и фирмите со оглед на застапеноста на вкупните девизни кредити (вклучително и денарските кредити со валутна клаузула) во вкупните кредити, пишува во објавата.
Со одржување на стабилен девизен курс на денарот, велат од централната банка, економијата се штити од преголеми ценовни флуктуации и раст на долгот во странска валута и се обезбедуваат стабилни пазарни очекувања, а сето тоа е во прилог на обезбедување најповолен амбиент за економски раст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.