Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ при денешната посета во Велес во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ запрашан како го коментира последното зголемување на ДДВ-то за многу производи потенцираше дека власта ова го прави затоа што на власта и недостасуваат пари во буџетот, бидејќи како што рече ги трошат на сомнителни тендери и криминал.

-Ако се сеќавате пред неколку месеци тоа го комуницираа со јавноста дека станува збор за зголемен данок на луксузни производи па како синоним споменуваа перки од ајкула, но видовте дека не е така, туку станува збор за основни прехранбени производи. Јасно е тоа што го зборувавме и тогаш и сега, излегува дека е точно а тоа е дека им недостасуваат пари во буџетот, а им недостасуваат пари во буџетот затоа што го трошат немилосрдно буџетот за проекти за кои што шајка не е закована. Знаете за еден таков проект потрошија повеќе од 200 милиони евра но за жал немаме ниту шајка заковано и затоа сега им требаат уште пари за тендери во четири очи, за провизии за кои што се враќаат. Јавна тајна е дека човек фирма со ташничка шетаат низ Македонија и нудат работа за тој проект, а за сметка на тоа бараат огромни провизии. Овие информации стигаат до нас, јас ги повикувам надлежните органи тоа да го проверат и истражат, доколку тие тоа не го направат, следната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно има намера да се занимава со овие девијантни однесувања, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски дополни дека кога власта нема пари во буџетот, тогаш единствен извор за повеќе пари се поголемите даноци кои треба да ги плаќаат граѓаните.

-Така што да сумирам им недостасуваат пари, што прават тогаш, тогаш единствен извор за повеќе пари им се поголеми даноци и на сметка на граѓаните, на грбот на граѓаните, затоа граѓаните треба да се свесни дека секој еден денар што го плаќаат повеќе за производите кои што до вчера ги плаќале поевтино се директно пари за тендери во четири очи на владата на ДУИ и СДСМ и се директно пари кои што ги плаќаат на овие луѓе кои што се дел од коалицијата ДУИ и СДСМ, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.