Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека многу скоро ќе биде назначено ново раководство на ЕСМ и на РЕК Битола.

Во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Битола, Мицкоски рече дека лично е фокусиран во изборот на кадри за овие две институции.

Лично сум фокусирам во изборот на кадри во РЕК Битола бидејќи го знам комбинатот и го знам поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, така што многу скоро од денеска ќе имаме ново раководство во рамки на ЕСМ и во рамки на РЕК Битола, рече Мицкоски.

Во однос на изградбата на топловодот за Битола, Мицкоски изјави дека топловодот ќе биде изграден и дека нема да биде затворен РЕК Битола бидејќи без неговата работа не може да функционира топловодот.

Имаме план како тоа да го реализираме. Топловодот ќе се изгради и ќе се пушти во употреба. Имаме намера сето она што тие го потпишале, а кое е штетно за битолчани, да го поништиме и да вложуваме во иднината на овој регион. Нема да водиме лицимерна политика – од една страна да го затвораме РЕК Битола и да оставаме илјадници луѓе на улица, а од друга страна да трошиме повторно пари на граѓаните и да градиме топловод којшто кога би се затворил РЕК Битола, ќе нема ресурси од каде да се затоплува Битола. Ќе го сочуваме РЕК Битола и ќе го изградиме топловодот, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.