Веќе договореното со „Гаспром“ треба да се испочитува, а додека трае војната во Украина нема да се преговара со Русите за нови количини – изјави бугарскиот министер за енергетика Николов по средба во Скопје со македонскиот министер за економија Крешник Бектеши.

Тој додаде дека за плаќање во рубљи, Бугарија се уште нема добиено официјално барање, а во меѓувреме, како што истакна, се бараат алтернативни начини од други извори за Европа да биде понезависна од рускиот гас.

Македонија е 100 процентно зависна од испораката преку Бугарија. Ова ќе се смени кога ќе биде изграден интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзува земјава и Грција, како и гасоводната делница Струмица-Петрич која е во планот на меѓвладината работна група за енергетика – изјави Бектеши.

Договорот за изградба на интерконектор за природен гас меѓу Македонија и Грција беше потпишан минатата година. Како најадекватна траса за поврзување беше избрана делницата Гевгелија-Неготино, долга 80 километри, а од грчка страна околу 60 километри. Според најавите, процедурата за овој проект кој ќе чини 28,9 милиони евра, треба да почне за неколку месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.