Меѓународни кредитори, вклучително и Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) и Светската банка, ќе одобрат план вреден 4 милијарди евра кој треба да ја оттргне Македонија од користењето јаглен во енергетиката, потврди првиот човек на ЕБРД за агенцијата Ројтерс.
Договорот, кој треба да биде објавен за време на Климатскиот самит КОП28 во Дубаи кој започнува на 30 ноември, ќе содржи план за затворање на двете преостанати електрани на јаглен во земјата, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, и нивна замена со обновлива енергија преку капацитети кои ќе произведуваат 1,7 гигавати електрична енергија.
Јагленот во Македонија претставува 40 проценти од енергетските извори, тој е многу голем и значаен, вели претседателот на ЕБРД, Одиле Рено-Басо за Ројтерс.
Ова е еден пример за тоа што сакаме да го претставиме на КОП, да го претставиме овој пристап и што тој може да придонесе, како и нашата поддршка за земјата.
Македонија е дел од планот наречен „Инвестициска програма за праведна енергетска транзиција“, и опфаќа слични проекти за замена на јагленот со обновливи извори во Јужна Африка, Индонезија, Виетнам и Сенегал, со поддршка на влади, јавни доверители и приватни инвеститори.
Цената на проектот е голема – околу 2.000 евра по глава на жител во Македонија – и ги апострофира проблемите со финансирањето на малите земји во транзицијата кон чиста енергија.
Во 2018 година, Обединетите нации го наведоа главниот град Скопје како најзагаден град во Европа, и земјата работеше на замена на јагленот со чиста енергија. Но, во 2021 година, Македонија повторно ја отвори старата централа Осломеј за да го намали увозот на струја.
Портпарол на Климатскиот инвестициски фонд на Светската банка потврди дека Македонија е кандидат за концесиско финансирање во вредност од 85 милиони долари, и вели дека точната сума ќе биде одредена следната година.
Рено-Басо вели дека освен концесиското финансирање во вредност од 300 до 400 милиони евра, финансирањето ќе дојде од мултилатерални позајмувачи како Меѓународната финансиска корпорација и од приватниот сектор. Светската банка и владата на Македонија досега не одговорија на барањата за коментар за планот.
Македонија се приклучи кон Сојузот за енергија без јаглен во 2021 година. Откако првично планираше да го отстрани јагленот од употреба во 2027 година, рокот потоа беше продолжен за јануари 2030 година. Одложувањето, како и плановите да се отворат два нови рудника за јаглен, за да се обезбеди енергија поради војната во Украина, се слични како и плановите на други земји во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.