Има промени во цените на житото на светските берзи, но засега, барем најмалку 1,5 до два месеца, цената на лебот и на останатите основни прехрабени производи во земјава нема да се промени, велат пекарите. Според нив, по месец-два повторно ќе се прави анализа со оглед на руско-украинскиот конфликт и турбуленциите на Блискиот Исток, како и поради поскапувањето на нафтата кое може да значи потенцијална повисока цена на суровините во прехранбената и општо, во целата индустрија.
Како што оценува Агро-бизнис комората на Сојузот на стопански комори (ССК), многу поголем проблем од цената на лебот во моментов е ликвидноста на компаниите и одливот на работна сила во секторот.
Стигнаа информации од големите производители како Украина и Русија дека таму не се знае како ќе се одвиваат жетвите поради воените дејства, што влијае врз берзата. ФАО истакна некој процент на зголемување на цената на житото. Тоа, сепак, е незначително и ние, како Агробизнис комора, тврдиме дека во наредниот период ќе има стабилност на цената на прехранбените производи, барем во сегментот на основни производи како житото, пекарските производи. Големиот притисок што го имаме е од друга природа и трае најмалку една година. Се работи за големиот одлив на човечките ресурси во западните и туристичките земји како Грција и Хрватска. Проблем е и ликвидноста на компаниите кои се соочуваат со недостиг на финансии, истакна Горан Ѓорѓиевски од Агро-бизнис комората, одговорајќи на новинарски прашања пред тркалезна маса за зелени иновации.
Тој укажа и на високите каматни стапки. Банките, рече, тешко одобруваат кредити и тешко овозможуваат пристап до финансии со соодветно ниска цена.
Тука би ги насочил проблемите. Повеќе притисок се чувствува од страна на недостигот на човечки ресурси, имавме и покачување на минималната плата. Сето тоа се одразува таму, компаниите да имаат повеќе трошоци за тоа, отколку во однос на цените на суровините кои во овој момент имаат стабилна вредност, напомена Ѓорѓиевски.
И на 23 април, на друг настан што го организираше ССК, Ѓорѓиевски тврдеше дека лебот нема да поскапи и дека неговата цена е стабилна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.