Речиси 3,4 милиони евра профит направиле лани 99 извршители, колку што ги има во државава, ексклузивно за Пари, открија од Комората на извршители. Добивките се движат од само 1.821 денари (најмалата) до дури 8.019.304 денари, или над 130.000 евра (најголема добивка).

За да стигнат до оваа добивка, извршителите во текот на 2021 година извршиле над 63.000 присилни наплати. Сумата што ја наплатиле во постапките изнесува 130 милиони евра.

Пари ексклузивно ги открива добивките на ТОП 10 извршители кои имале среќа да направат извршувања со најголема вредност и со тоа да остварат за себе најголем нето-приход (приход минус расходи минус пресметан данок од Годишна даночна пријава). Вкупните нивни добивки се над 1 милион евра. Значи: 10 извршители направиле профит од 1 милион евра, а вкупниот профит на останатите 89 е 2,4 милиони евра.

На самиот врв по заработка од извршувања е извршителката Катерина Кокина. Оваа извршителка успеала за една година, односно во текот на 2021 година, да направи одлична добивка од речиси 130.000 евра.

Лидерот на листата, Кокина, своевремено била најмлад извршител, именувана на 29 години и како извршител работи 11 години. Иако е една од помладите извршители, таа успеала во 2021 да сработи најдобри резултати. На второ место, со профит од 123.000 евра, е извршителот Гордан Станковиќ. Станковиќ е познат во јавноста, тој едно време беше и претседател на Комората на извршители, а се памети и по тоа што со години беше неприкосновен во однос на правењето профит. Според информациите кои јавно беа објавени во медиумите, во периодот од 2012 до 2017 година, односно за пет години, тој направил нето-профит од 1,3 милиони евра, или, во просек, по 260.000 евра годишно.

Токму пласирањето на ваквите добивки во јавноста, како и притисокот на невладиниот сектор, доведоа до извесни законски измени со кои се намалија плаќањата за извршувањата.

Иако не заработиле колку што би заработиле во минатото, во групата на ТОП 10 извршители за 2021 година, најнискиот профит е 78.169 евра, а го направила извршителката Славица Ацовска.

Погледнете ја целата листа на најпрофитните 10 извршители ТУКА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.