Светот и Европа освен што се соочуваат со недостаток на електрична енергија, добар дел од светот ќе се соочи со логистика во испорака на храна. По движењата на пазарот на енергенси и негативното влијание од војната во Украина, се гледа дека оваа зима ќе биде најтешка по Втората светска војна“, вели претседателот на Владата Димитар Ковачевски во интервју за Гласот на Америка.

Владата интензивно работи на изнаоѓање на најдобри решенија за заштита на основните потреби на граѓаните, доколку не е субвенцијата од државата тие би плаќале пет пати поголеми сметки за енергија посочува Ковачевски во интервјуто. Тој додава дека во полна функција се ставени државните електрани, а интензивни се преговорите со земјите од соседството и други држави за да се обезбеди електрична енергија по поволна цена за стопанството, големите потрошувачи.

Секој човек во услови на криза и војна мисли на себе и на своето семејство, меѓутоа обврска на премиер е да мисли на сите во државата. Затоа заедно со министрите од економските ресори, со претседателот на Стопанска комора отпочнавме разговори и со Србија, со Бугарија и Грција. Остваруваме контакти во согласност со нашите добрососедски односи кои последните 5 години ги изградивме со сите соседни држави, со оглед на тоа дека ги затворивме отворените прашања, со оглед на тоа дека отпочнавме преговори со ЕУ. Вчера се водеа и разговори со Република Турција во однос на обезбедување на доволна количина на енергенси и на електрична енергија за зимата. Оваа зима ќе биде ужасна, ги гледате сите обраќања во ОН каде што сите претставници на држави зборуваат за кризи кои што се случуваат“, вели премиерот Ковачевски.

Освен активните преговори со соседните земји, за обезбедување на електрична енергија за стопанството, премиерот посочи дека е зголемено производството на електрична енергија во државните капацитети РЕК Битола, Осломеј и ТЕЦ Неготино.

Ние го имаме зголемено производството на електрична енергија во државните капацитети во РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино. Со тоа ја обезбедуваме електричната енергија за граѓаните и малите потрошувачи. Некаде 600.000 домаќинства и 70.000 мали потрошувачи, компании добиваат субвенционирана струја од 80% – што значи дека доколку не е субвенцијата од државата тие би плаќале пет пати поголеми сметки за енергија. Она што во моментов го правиме е да обезбедиме електрична енергија преку директни договори со други држави за стопанството односно за големите потрошувачи на либерализираниот пазар со оглед на тоа што цените кои во моментов се на светските енергетски берзи, не се соодветни за македонското стопанство, меѓутоа не се соодветни за ниедно друго стопанство во регионот и Европа. Ние ќе продолжиме во таа борба за обезбедување на енергенси“, рече претседателот на Владата во интервјуто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.