Долговите за неплатена струја на институциите кои се од витално значење ќе ги покрие Владата, согласно прераспределбата поднесена и одобрена во Собранието. Ова пред сè, се однесува на здравствените институции но и други институции кои се од важно значење за државата, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Целта е, додаде, да се обезбеди непречено функционирање на институциите во услови кога цената на електричната енергија на слободниот пазар е десет пати поголема од она што била пред кризниот период.

Како што рече, станува збор за прераспределба на средства кои беа на располагање на непотрошени ставки во буџетот, или таму каде што сметале дека нема потреба да се прават расходи во време на криза, односно да бидат пренаменети за најпотребните и најнеопходни издатоци.

Што се однесува до електричната енергија која што ја должат голем број на витални институции, таа ќе биде платена со оваа прераспределба од страна на Владата, со соодветно префрлање на финансиските средства. Тоа пред се, се однесува на здравствените установи и на други установи кои извршуваат витални функции. Прераспределбата е и за разни други сегменти во делот на капиталните инвестиции, во делот на други категории – изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање, по доделувањето на социјалните станови на граѓани во Пробиштип.

Во однос на вкупната сума, Ковачевски рече дека тоа најдобро може да го каже Министерството за финансии.

На прашање дали Владата ќе се откаже од ДДВ за електрична енергија според предлогот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да не надминува 5 проценти, премиерот одговори дека ДДВ на електрична енергија според Закон треба да биде 18 проценти.

Тој рече дека намалувањето на 5 проценти беше направено на предлог на оваа Влада и тоа беше направено со одреден план, до 1 јануари 2023 година, кога пак ќе биде по повластена стапка, меѓутоа не од 5 проценти, туку од 10 проценти.

Според првичните анализи, премиерот смета дека нема да има ценовен шок за граѓаните, особено од првиот и од вториот тарифен блок.

Во финалната цена на електрична енергија поголемо учество има цената на електрична енергија која ЕСМ ја испорачува на ЕВН, и со оглед на пресметките кои веќе се предадени на Регулаторна комисија за енергетика, како и на пресметките кои ги прават другите учесници од енергетскиот пазар, според првичните анализи сметам дека нема да има ценовен шок за граѓаните, особено од првиот и од вториот тарифен блок. Тоа се оние граѓани кои повеќе штедат и помалку трошат електрична енергија. Третиот тарифен блок ќе биде со можеби мала промена, додека четвртиот тарифен блок, оние граѓани кои многу трошат електрична енергија и можат да си приуштат да плаќаат повеќе електрична енергија заради своите потреби, таму цената ќе биде зголемена, а истовремено цената на електрична енергија за малите потрошувачи, тоа се 70 илјади компании, мали и средни претпријатија кои што вработуваат 98 проценти од вработените во државата, по она што го гледаме од пресметките, таму може да дојде и до намалување на цената на електрична енергија – рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.