Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски соопшти дека ако евентуално бугарската компанија „Балкан Јутилитис“ не испорачува природен гас согласно договорот, ќе биде активирана банкарската гаранција.
Ковачевски најави дека идната недела ќе биде објавен јавниот повик за февруари и ги повика сите компании регистрирани во државата да достават понуди за снабдување со гас кои ќе бидат економски оправдани за ЕСМ и за Владата, а, како што напомена, ќе има и меѓународен повик.
Уште при објавувањето на повикот за јануари наведовме дека компаниите кои ќе понудат количини и фиксна цена ќе треба да достават и гаранции за испорака на природен гас. Имаме добиено банкарска гаранција и за количините и за средствата, односно набавката на гас. Ако евентуално нашиот економски оператор не испорчаува природен гас согласно Договорот, ќе ја активираме банкарската гаранција која го покрива Договорот за јануари, истакна директорот, одговорајќи на новинарско прашање по посетата на РЕК Битола.
Како што истакна Ковачевски, тој во моментов, не знае колку точно е цената на гасот на берзата, но претпоставува дека е пониска од фиксната цена по која е извршена набавката за јануари.
Во моментот на носење на одлуката за избор на најдобар понудувач за природен гас за јануари имавме две понуди, од бугарската компанија „Јутилитис“ со фиксна цена од 115,97 евра за мегават час и од „Макпетрол“ со 116,20 евра за мегават час – цена која не е фиксна и може да претрпи корекции, и во плус и во минус. Дента, пак, кога се носеше одлуката берзанската цена беше 137 евра за мегават час, потенцира Ковачевски.
Според него, темата за набавката на гасот е актуелна речиси секој ден.
Така беше и пред крајот на декември кога „Макпетрол“ достави информации дека од 1 јануари нема да ги снабдува потребните количини. Затоа се објави јавен повик и со либерализацијата на пазарот добиваме повеќе понуди за 2023 година. Точно е, донесовме одлука да имаме сигурно снабдување со природен гас во јануари пред се заради топланите и другите потрошувачи, подвлече директорот на ЕСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.