Економските политики на СДСМ даваат конкретен резултат, растат платите и пензиите, тврди портпаролот на СДСМ Дарко Каевски.

Според него, СДСМ ја зголемиле просечната плата и таа денес е повисока од 630 евра.

Нашето ветување за просечна плата го надминавме. Во времето на ДПМНЕ, во 2016 година, просечната плата изнесувала 360 евра. Со ДПМНЕ работниците земале дури за 270 евра помала просечна плата од денеска. ДПМНЕ беше фокусирана на споменици и жални врби, СДСМ е посветена на граѓаните, на работниците. За ДПМНЕ работниците беа само евтина работна сила, за СДСМ работниците и нивниот животен стандард се важни. Затоа минималната плата во времето на ДПМНЕ беше 9.000 денари а во некои области во текстилната и кожарската индустрија и помала. СДСМ ја зголеми минималната плата и денеска изнесува над 20.000 денари. Не сме веќе земја со евтина работна сила туку земја која го вреднува, почитува и цени трудот на сите работници, тврди Каевски.

Тој заклучува дека сите овие бројки потврдуваат дека СДСМ успеа да ја зголеми реалната куповна моќ на граѓаните и нивната благосостојба.

Во октомври имаме раст на платите кое е за околу 5 пати поголем од растот на инфлацијата, што е мерлив доказ за тоа дека економските политики на Владата за повисоки и достоинствени плати и низата на мерки за намалување на инфлацијата даваат мерлив резултат. Повеќе за сите е и мерката за поголеми плати на работниците во приватниот сектор од 3.000 – 9.000 денари од новиот пакет антикризни мерки. Работодавачот ќе плаќа само персонален данок, а има целосно ослободување од придонесите за пензиско и здравствено осигурување за делот на зголемувањето на платата. Со СДСМ растат платите, со СДСМ работниците имаат повеќе, поентира тој.

На прес-конференцијата на Каевски реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, кои велат дека Каевски е одлепен од реалноста исто како и неговиот шеф Ковачевски.

Според економските показатели сме на дното во Европа и регионот, додека граѓаните се се посиромашни. Бројките кажуваат дека откако се СДС и ДУИ на власт земјите од регионот ја поминаа двојно Македонија, односно земјава со нив тоне. Од 2017 до 2023 година, Босна и Херцеговина има 42% раст на БДП по глава на жител, Србија 50%, Бугарија 64%, Албанија 52%, а Македонија само 20%. Исто така со СДС и ДУИ Македонија доби скоро 50% поголема инфлација од земјите во ЕУ.  Во ЕУ инфлацијата е 4.3%, во Македонија 6.6%, велат ВМРО-ДПМНЕ.

Последната анкета кажува дека над 80% од граѓаните сметаат дека цените се уште растат.

Колку донесле подобар живот покажува фактот не само што расте сиромаштијата, туку екстремната сиромаштија.  Од 56.000 во 2019, годинава ќе ја завршиме со 86.400 екстремно сиромашни, додека од 360.000 умерено сиромашни сега ќе имаме скоро 600.000 граѓани. Толку од фалбите за подобар живот со СДС и ДУИ. Ова значи дека над 80.000 луѓе едвај преживуваат со помалку од 80 денари, а помалку од 150 денари има секој трет човек во државава.

А колку е добар стандардот говори и тоа што држави од соседството како Хрватска и Словенија за Македонија станаа како Германија, па граѓаните масовно таму си ја бараат иднината.

Со оваа власт единствено што растат се сиромаштијата, инфлацијата, криминалот и корупцијата. Никогаш не било полошо, затоа е важно да ги поразиме, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.