По бранот поскапувања на храната и енергенсите откако престанаа да важат антикризните мерки, Владата најавува нови мерки кои ќе бидат потаргетирани и насочени кон оние на кои им се најпотребни. Опозицијата, пак, најавува предлог законски решенија со кои до крајот на годината прехранбените производи би биле ослободени од ДДВ, а акцизата на горивата би се преполовила и ДДВ-то би било пет проценти наместо моменталните 18 проценти.
– Владата со новиот ребаланс на буџет, продолжува со силната грижа за граѓаните и во најкраток рок ќе излезе со антикризни мерки кои ќе бидат потаргетирани, како што всушност се и последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност. Ова значи дека истите ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и стопанството, кон оние на кои им се најпотребни, соопшти вчера владината Прес-служба.
Целта е, како што информираа оттаму, да се заштитат оние на кои им е најпотребна поддршка, да се обезбеди праведна распределба на средствата и да се задржи постепената фискална консолидација.
– Со одговорно однесување на сите субјекти, ќе ја надминеме и оваа криза, како што ја надминавме најголемата економска криза предизвикана од КОВИД-19 пандемијата. Од посебна важност е да не се потклекнува на лажните информации кои предизвикуваат притисок на пазарот и на инфлаторните движења. Дезинформациите, без разлика од кого доаѓаат, вклучително и одредени политички партии, не користат никому, бидејќи само поттикнуваат дополнително продолжување на кризата, велат од Владата.
Од опозицијата, пак, бараат основните прехранбени производи да бидат ослободени од ДДВ, да се преполови акцизата на горивата и да се намали ДДВ-то на пет проценти.
– Повикуваме за малку разум кај колегите од мнозинството и сите заедно на итна седница да ги изгласаме предлог законите за акцизите и данокот на додадена вредност. Цената за литар Еуросупер 95 е 104 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 81 денар. Цената за литар Еуросупер 98 е 106,5 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 83 денари. Цената за литар Еуродизел е 95 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 76 денари, изјави вчера пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од вчера по нови зголемени цени се продаваат лебот, маслото за јадење, брашното, шеќерот, лебот, јајцата, оризот…. Најголем скок има кај зејтинот кој наместо досегашните 135 денари, сега се продава по цена од 156 до 163 денари за литар. Нови цени има и кај брашното тип 400 кои се движат од 54 до 60 денари. Шеќерот се продава по цена од 55 до 60 денари, а пакување од 10 јајца чини од 90 до 110 денари.
По зголемувањето на цените на горивата од 8,5 до 9,5 денари, од денес на бензинските пумпи се точи гориво по нови зголемени цени од 2,5 до 3 денари. Еуросупер БС-95 од полноќ е поскап за три денари и се продава по цена од 107 денари за литар, а Еуросупер БС-98, кој е поскап за 2,5 денари, достигна цена од 109 денари. За 2,5 денари е поскап и дизелот и неговата нова цена е 97,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) е 95,5 денари за литар
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.