Стапката на слободни работни места во Еврозоната во вториот квартал од 2023 година изнесуваше 3,0 отсто, додека на ниво на цела ЕУ таа достигна 2,7 проценти, соопшти Европската статистичка служба – Евростат, посочувајќи дека и во двете зони се бележи намалување на квартално ниво за 0,1 процентен поен.

Во вториот лански квартал, стапката на слободни работни места во Еврозоната беше 3,2 отсто, а во ЕУ – 3,0 проценти.

Меѓу земјите членки највисока стапка на слободни работни места во вториот овогодишен квартал има Холандија од 4,7 отсто, пред Белгија од 4,6 и Австрија од 4,4 проценти. Од друга страна, најниски стапки бележат Бугарија и Романија од по 0,8 отсто, Шпанија и Полска од по 0,9 и Словачка од 1,0 процент.

Во споредба со истиот лански квартал, стапката на слободни работни места е зголемена во четири земји членки, во ист толкав број останала непроменета, а во останатите 19 таа е намалена. Зголемувања на стапка на слободни работни места има во Грција за 0,4 процентни поени, во Кипар за 0,2 и во Португалија и Италија по 0,1 процентен поен.

Најголем пад на стапката на слободни работни места има Чешка од 1,2 процентни поени, пред Данска, Луксембург и Финска сите со по намалување од 0,8 процентни поени..

Стапката на слободни работни во второто тримесечје од 2023 година во Еврозоната во секторот „индустријата и градежништвото“ изнесувала 2,6 отсто, а кај „услугите“ 3,3 проценти. На ниво на цела ЕУ, пак, стапката на слободни работни места во „индустријата и градежништвото“ била 2,4, а кај „услугите“ три отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.