Граѓаните нема да имаат ценовен шок на 1 јануари 2023 година во однос на цената на струјата, а оние граѓани коишто најмалку трошат, коишто најмногу заштедиле, а тоа се во првите два тарифни блока сметам дека нема да имаат зголемување, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој посочи дека во формирање на цената на струјата учествуваат повеќе влезни ценовни параметри за на крај врз нивна основа, како и врз основа на влезните квантитативни параметри од МЕПСО, од ЕВН и од ЕСМ, а Регулаторна комисија за енергетика е таа која треба да ја определи финалната цена.

Следејќи го движењето на оваа цена која што вие ја спомнавте, како и движењето на другите цени, односно факторите коишто ја определуваат висината на цената, на загубите итн. и јас исто така го делам мислењето на вицепремиерот за економски прашања и на министерот за економија со коишто ние секојдневно работиме на решавање на проблемите во енергетиката, е дека граѓаните нема да имаат ценовен шок на 1 јануари 2023 година. Дури сметам, дека оние граѓани коишто најмалку трошат, коишто најмногу заштедиле, а тоа се во првите два тарифни блока дека нема да имаат зголемување, рече Ковачевски на новинарско прашање за цената на електричната енергија. Оние коишто многу трошат и коишто можат тоа финансиски да го поднесат без никакви проблеми (граѓани) тогаш тие ќе имаат веројатно зголемување. И она што сметам дека е исто така значајно да се случи со цената, мислам дека со овие влезни параметри може да се случи да има намалување на цената на електрична енергија за регулираниот пазар кај малите потрошувачи, а тоа се 70-ина илјади компании коишто вработуваат 98 проценти од вработените во државата. Значи, да почекаме РКЕ да ја даде финалната цена, меѓутоа оценката која што ја даде вицепремиерот за економски прашања на која што се повикавте и јас се согласувам со неа – рече Ковачевски на новинарско прашање.

Кога се определува финална цена на електричната енергија за граѓаните и за малите потрошувачи, посочи дека ЕСМ според закон имаат обврска да снабдат 60 проценти од регулираниот пазар, а со одлука на Влада се задолжени 100 проценти да го снабдат и тоа го прават.

Јас морам да искажам благодарност и пофалба до вработените во производствените капацитети за електрична енергија во ЕСМ, бидејќи во моментов сите производствени капацитети, двата блока во РЕК Битола, Осломеј, Неготино, Енергетика работат со полн капацитет и произведуваат електрична енергија за што од опозицијата велеа дека нема шанси да се случи, еве се случи и произведуваат во целост електрична енергија за целиот регулиран пазар. Веќе почна и монтажата на трансформаторот за третиот блок – девет камиони се веќе пристигнати со опрема. Сега се чека на транспортот на финалната централна единица на трансформаторот којшто треба да пристигне од Турција и со тоа доколку нема испади на претходните тогаш ќе ги имаме сите капацитети во производство – посочи Ковачевски.

На повикот на ЕВН Хоме за набавка на електрична енергија за регулираниот пазар за количини од 2.043.095 мегават часови за периодот од јануари до јуни 2023 година АД ЕСМ се пријави со понуда од 56 место досегашните 48 евра за мегават час.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.