Сојузот на синдикатите бара од газдите да се врати надоместокот за храна и превоз во законскиот износ од 20 отсто од просечната плата (околу 8.000 денари или 4.500 денари со даночното ослободување), бидејќи од нивната минимална плата од 22.500 денари, најмалку една третина сега оди за овие трошоци. Ова е едно од главните барања што синдикалците ќе го испорачаат на најавениот Првомајски протест, за кој побараа масовност од работниците. Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, ги потсети членовите дека мора да се охрабрат, да излезат и да маршираат од Работничкиот дом до Владата, рециклирајќи еден поранешен слоган „Гаси скара, барај плата“, алудирајќи на тоа дека низ годините работниците повеќе „павтаа да ја разгорат жарта на скарите, отколку што се заложуваа за нивните права“.
Ќе бараме право што го немаме од 2009-та, оти цените на горивата и на храната отидоа до небо, а уште во првите 100 дена од новата влада, ќе се заложиме минималната плата да изнесува 450 евра, како што е секаде во регионот. Невозможно е повеќе од 20.000 работници сега да примаат плата под минималната и тоа веќе не се толерира. Лесно им е на функционерите со плата од 2.500 евра, прашајте ги работниците како им е со 22.500 денари. Од јануари до април годинава, работниците изгубија 3.000 денари поради дивеењето на цените. А, веќе 14 години не добиваат превоз и хранарина – порача Трендафилов.
Претседателот на ССМ беше прецизен дека само во април одржале 6 протести, а нема никаков возвратен одговор од институциите.
Протестот го организираме во ситуација кога вработените во ЈП „Македонски шуми“ немаат земено три плати, кога ЈП „Водостопанство“ ја нема примено последната плата, кога вработените во културата бараат зголемување на платите што им следува по зголемената минимална плата. Со каков образ од нас се бара да им го дадеме нашиот глас – за да нè крадат и натаму“ – праша Трендафилов.
Од ССМ велат дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради односот на креаторите на политиките, кои во последните неколку месеци водат грижа исклучиво за себе, а не мислат за работниците.
Не го сметајте ова како повик од ССМ, туку повик од работниците на кој сите ние ќе одлучиме заедно да излеземе на работничкиот протест – поентираше Трендафилов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.