Вознемирувачка е последната анкета на Стопанската комора која со конкретни бројки ги докажува ендемските димензии на корупцијата во владата која замина и е потврда на нашите укажувања за корупциската епидемија инсталирана од ДУИ, вели вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи и ги повикува фирмите од кои било барано мито да пријават во обвинителството.

Претставниците на криминализирана власт во текот на изминатата година, во сите ешалони без исклучок, барале мито од 10-100.000 евра и разни услуги, од повеќе од половина од анкетираните фирми. Мито било побарано при постапките за добивање дозволи и согласности, при инспекциски надзор, во текот на царинска и тендерска постапка, дури и по неколку пати во текот на една година од исти фирми. Постојано сме укажувале дека ДУИ, за 22 години владеење им донесе само лоши работи на граѓаните. Ова истражување е најточниот преглед на корупциската епидемија инсталирана од ДУИ, која негативно се одрази на странските инвестиции, вработеноста и севкупниот социо-економски развој, вели Фетаи.

Тој ветува дека со овие појави безмилосно ќе се бори новата Влада.

Бизнисите мора да се ослободат од стравот и да достават предмети до Обвинителството. Правосудниот систем ќе биде ослободен од политичките влијанија и ќе се погрижи никој да не биде над законот. Исто така, бараме поддршка од партнерите, невладините организации и граѓаните во оваа борба, за заедно, како антикорупциски фронт, да ја промениме културата на власта и да кажеме не на коруптивните практики, што на претходната власт и беше дневна храна, порачува вицепремиерот Арбен Фетаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.