Сите оние кои имаат можност деновиве да ја посетат Германија макар и на кратко, уште првиот ден ќе сфатат дека написите во српските медиуми за наводна криза, скапотија и недостиг на основни продукти во земјата немаат никаква врска со вистината и имаат за цел само да ги убедат граѓаните дека на една од најбогатите земји во светот не им оди најдобро, а камоли на Србија, пишува Нова.рс во анализа на цените во германските маркети.
Написи за голема криза, галопирачка инфлација и празни рафтови во маркетите изминативе недели можеа да се прочитаат и во македонските медиуми. Споредбата на колегите од Нова.рс е направена со цените во Србија и во динари, но лесно може да се направи слична споредба и со цените во нашите маркети.
Според официјалната статистика, инфлацијата во Германија изнесува десет отсто, а во Србија е нешто повисока – 12 отсто. На пазарите овие бројки изгледаат приближно вака – млекото кое на германските пазари пред почетокот на кризата чинеше едно евро, сега чини едно евро и 10 центи. Литар млеко на српските пазари, кое пред војната во Украина чинеше 79 динари (42 денари), сега чини најмалку 124 динари (65,5 денари), пишува порталот.
Списокот на производи кои се поевтини во Германија отколку во Србија е долг и вклучува различни прехранбени производи, како и средства за хигиена, облека и обувки, а треба да се има предвид дека вработените во Германија кои работат со полно работно време не добиваат помалку од 2.000 евра, додека во Србија, според официјалната статистика, половина од вработените заработуваат помалку од 56.000 динари (474 евра/29.533 денари).
На долгата листа на прехранбени производи кои на германските пазари се поевтини отколку во српските маркети, меѓу другото е и путерот, кој просечните потрошувачи во Србија одамна го замениле со поевтин и не толку квалитетен производ – маргарин. Пакување од 250 грама путер во мегамаркет во Германија можете да купите за 2,29 центи (270 динари/142 денари), додека во продавниците во Србија, пакување од 125 грама путер чини околу 300 динари (158 денари), покажува споредбата на цените.
Омилениот детски деликатес „Киндер јајце“ во Германија чини 85 центи (100 динари/53 денари), а во Србија 120 динари (63 денари).
Посебно се запрепастувачки разликите во цените на хемиските производи за домаќинство во Германија со оние во Србија, пишува Нова.рс.
Средството за миење садови „Fairy“ од 450 милилитри во Германија чини 1,25 евра (148 динари/78 денари), а од неодамна во Србија чини речиси 200 динари (105,5 денари). Гелот за туширање „Палмолив“ од 650 милилитри на германските пазари се продава за помалку од две евра (236 динари/124,5 денари), додека во Србија не може да се најде за помалку од 360 динари (190 денари).
Влошките „Always“ од неодамна во српските продавници чинат околу 430 динари (227 денари), а во Германија се нешто поевтини: 3,45 евра (407 динари/215 денари).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.