Пет отсто од Буџетот да се одвојуваат за образованието и да се ревидира работењето на сите високообразовни институции во државата, е едно од клучните барања на бизнисот што ќе им биде испорачано на политичките партии.

Како што рече денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, мора да се спречи натамошната ерозија на квалитетот на високото образование, но и да се продуцира неопходниот стручен кадар.

Засукани ракави, храброст и преземање ризик се неопходни за да се воведат одредени процеси кои мора да доведат до подобрување на кадровскиот потенцијал. Оваа порака ќе биде силно пренесена и до лидерите на партиите. Ќе бараме за образованието да се одвојуваат пет отсто од Буџетот, но не веднаш, туку во мандатни периоди и ќе бараме ревизија на работењето на сите високообразовни институции во државата за да се спречи натамошната ерозија на квалитетот на високото образование, истакна Азески на прес-конференција.

Според него, земјава е мала и има потреба за специјализирани кадри.

Ние не сме Америка, ние сме мала земја, немаме огромни потреби, туку имаме специјализирана потреба за кадри и треба да се свртиме кон тоа. Оваа порака значи дека во тие дејности ќе одвојуваме средства кои би ги зголемиле активностите. Така ќе дојдеме и до реформиран Буџет кој ќе стане развоен и ќе и овозможи на државата да финансира продуктивни дејности, во нејзин интерес, подвлече Азески.

Тој е оптимист дека земјава може да конкурира и да испорача нешто вредно и значајно во ЕУ со интелигенција, образование и култура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.