Не е вистина дека се предвидува затворање на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Во нашата држава постепено се прави транзицијата во енергетскиот сектор и заради војната во Украина роковите ќе бидат ревидирани – истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според него, веќе имаме поднесено документ усвоен на Влада до Европската енергетска заедница и не може само така да се повлече, но, потенцира, изговорот дека не сакаме тоа да го направиме за да ја помогнеме ликвидноста е само за да се нанесе штета.

Има Стратегија за енергетика во нашата држава, што е продукт на МАНУ, која е донесена во 2019 година. Во неа е јасно кажано дека требало да се случи енергетската транзиција, но во 2019 година немаше војна на европско тло. После тоа донесени се низа на документи во кои е кажано што треба и кој е акцискиот план што треба да се преземе. Ревизијата на Стратегијата не е магично стапче со кое треба да се направи за 24 часа – рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Тркалезната маса за Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија.

Како што појасни, се предвидува еден блок на РЕК Битола да се трансформира од јаглен на гас како непосреден енергенс за одреден временски период.

Никаде не пишува дека целосно ќе се затвори РЕК Битола и во тој Акциски план до 2028 година. РЕК Осломеј, пак, секако се трансформира. Таму се прават инвестиции во обновливи извори на енергија од 120 мегавати, прецизира Битиќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.