Идната недела или најдоцна до крајот на годината ќе биде готово законското решение со кое Владата предлага да нема зголемување на функционерските плати во март и ќе биде доставено до Собранието, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Законското решение, најверојатно, ако не наредната недела, до крајот на годината, ќе го дадеме на Влада. Ќе остане во Собрание да има 61 пратеник, кои ќе се одважат законското решение да го донесат. Поинакво решение нема можност. Кажав дека строго стојам дека не треба да има ново зголемување на функционерските плати од март според методологијата и тоа е најмалку што може да биде направено. И сметам дека тоа не треба да е прашање на разговор со ниту еден друг чинител – рече Битиќи.

Одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорот за реконструкција и адаптација на просторот доделен на НУ Џез оркестар на Македонија, за намалувањето на платите на функционерите за 78 посто, повтори дека е потребен општ консензус на сите.

Во 1.260-те функционери има судии, обвинители, градоначалници, 120 пратеници, 20 министри, директори…, Сите треба да се согласат дека сакаат нивните плати да бидат намалени, а гледате дека во суштина во нашето општество тешко се доаѓа до консензус за уште побитни прашања, а камоли да им земете нешто од буџетот – изјави Битиќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.